Предгревање? Што беше тоа? Тоа, драги млади возачи, значеше дека пред стартувањето на моторот мораше да се почека извесно време. Овие неколку процедури порано беа неразделен дел од возењето, денес се само минато.
Некогаш во далечното минато, возачот мораше сам да го „развртува“ моторот со курбла. Така изгледаше почетокот на секое возење, сé додека во 1920-те години не почна вградувањето на електричен стартер во возилата, со што значително се олесни возачкото секојдневие. Дамите и господата зад воланот денес се толку отуѓени од автомобилската техника, што секакво познавање на процесите што се случуваат под ламарината е непотребно. Едноставно се седнува во возилото, се стартува моторот и се вози без каква било грижа додека не дојде време за редовното сервисирање. Но, до пред една или две децении, техниката уште немаше созреано дотаму. Следниве пет работи се сменија оттогаш.
Предгревање

Дизел моторите, за разлика од бензинците, не користат свеќичка за палење на работната смеша, туку го палат горивото под дејство на компримирање, односно збивање на смешата. Заради полесно стартување на дизел моторот, во коморите за согорување постојат специјални грејачи, коишто ја зголемуваат температурата, односно тоа е фамозното предгревање. За да се вклучи предгревањето, возачот на автомобил со дизел мотор порано мораше да го заврти клучот во меѓуположба и да причека додека се изгасне контролната светилка, па дури потоа да го стартува моторот. Кај денешните дизел мотори, прегревањето е потребно само при особено ниски температури, што се случува автоматски и многу брзо.
Долевање вода во акумулаторот

За акумулаторот на возилото да трае долго, порано мораше редовно да се проверува нивото на наполнетост и по потреба да се долева дестилирана вода. Од пред десетина години, повеќето акумулатори не бараат одржување и проверка, односно во продажба се наоѓаат исклучиво акумулатори од „затворен тип“. Овие акумулатори не се полнат, а лаиците најчесто не знаат да ги отворат. Според експертите, редовното дополнување на акумулаторот со специјален полнач го продолжува неговиот работен век.
Олово во бензинот

Заради повисока отпорност на самозапалување на горивото во комората за согорување, во бензинот порано се додаваше оловно соединение и на тој начин се намалуваше опасноста од неконтролирани детонации кои можат да предизвикаат значително оштетување на моторот. Во автомобилите денес се користи исклучиво безоловно гориво. Присуството на олово би го уништило и катализаторот во возилото. Од 2000-та година во ЕУ е забрането да се точи оловен бензин. Оловото е заменето со специјални адитиви.
Повлекување на саухот

За мотор што се напојува со гориво преку карбуратор да стартува полесно кога е незагреан, со повлекување на таканаречениот „саух“ се зголемува уделот на гориво во работната смеша од гориво и воздух. Тоа е рачката под воланот што порано ја имаше секој автомобил со бензински мотор со карбуратор. При повлекувањето на саухот се подзатвораше протокот на воздух, преку таканаречениот „лептир“, за да се намали струењето на воздух и моторот да добие „помрсна“ смеша. Кога моторот ќе се загрееше, саухот требаше повторно да се врати во појдовната положба. Некои го забораваа тоа, па се случуваа непријатни ситуации. Освен мануелниот, постоеше и полуавтоматски саух, којшто се активираше со притискање на педалот за гас до долу, пред стартувањето на моторот. Денес функцијата на механичкиот саух ја заменуваат напредни електронски системи за впрскување, кои самостојно регулираат многу повеќе работи отколку обезбедување мрсна смеша за стартување на моторот.
Гребење мраз од стаклата – однатре

Напредокот на техниката ги поштеди возачите и од здодевното и мачно ослободување на стаклата на автомобилот од мраз. Не однадвор, туку однатре. Кабините порано не беа толку добро изолирани како кај денешните автомобили и влагата навлегуваше внатре, во допир со студените стакла ја оставаше влажноста врз нив и така замрзнуваше. Гребењето мраз, или во посреќни околности, бришењето на стаклата однатре, беше сосема вообичаен дел од подготовката за возење. Ако се случи кај современ автомобил да замрзнат стаклата однатре, тоа е веќе случај за сервисната работилница.
















