Паѓа уште едно табу за Porsche: Следи комби изведба од Panamera

Традиционалистите на Porsche повеќе немаат што да бранат. Биднаа дизел, спортски теренец, четирицилиндарци, турбо за сите. Сега паѓа уште едно табу: Комби изведба од Panamera. Ќе биде ли тоа последното?

Чуварите на имиџот негодуваат, а бизнисот си напредува со несопирливо темпо. Спортската марка направи сé што не смееше. Porsche има два спортски теренци, дизелот е веќе стандард, хибридниот погон ќе прерасне во стандард, Carrera доби турбонатполнење, 718 Boxster вози со четири цилиндри. И што ако? Продажбата врви како луда и веќе надминува 200.000 примероци. Во меѓувреме, Porsche продава повеќе спортски теренци отколку купеа или кабриолети.

Но, сега следува една каросериска изведба што повторно ќе ги вознемири традиционалистите. Porsche наскоро ќе понуди комби. Не дека не беше најавено. Концептот Panamera Sport Turismo од салонот во Париз во 2012 година беше токму најава за скорешното појавување на комби изведбата од Panamera. Како што може да се воочи од фотографиите, паралелното тестирање на прототипите од втората генерација веќе е во завршна фаза, иако финалните детали од изгледот уште не се покажуваат поради маскирањето на каросеријата.

porsche panamera 0003

Втората генерација на Porsche Panamera ќе добие поголема каросерија во споредба со актуелната спортска лимузина и воедно ќе биде прв модел во концернот што ќе ја користи платформата MSB, наменета за модели од повисоките класи, со мотор напред и заден погон, односно погон на сите тркала. Платформата ќе ја користат и идните модели на Bentley. Предностите што таа ги носи се истите како кај постоечките, односно намалување на тежината и компатибилност со електричен или хибриден погон.

Турбо-изведбите од новата Panamera ќе добијат нов V8 со намалена работна зафатнина, но поголема моќност во споредба со постоечките. Плагин-хибридот во понудата веќе се подразбира, вклучувајќи и посовремена батериска техника за поголем досег.

Премиерата на спортската лимузина од втората генерација на Panamera се очекува наесен, на салонот во Париз, а комби-купето ќе следува кусо потоа.

porsche panamera 0004

Претходна објаваBentley Bentayga распродаден: И 5.000 примероци се премалку
Следна објаваВетеранот на Volvo не се предава: XC60 е најпродаван модел во сегментот

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here