
Париз има проблеми со застоите и со загаденоста на воздухот. Градоначалничката Ан Хидалго гледа решение во целосно повлекување на автомобилите од центарот. Сто милиони евра се планираат за велосипедски патеки.
Париската градоначалничка Ан Хидалго планира целосна забрана за автомобилите во центарот на француската престолнина. На тој начин ќе се решат проблемите со хроничните застои во светската метропола, исто како и со загадувањето на воздухот. Во четирите централни општини, освен за велосипеди, автобуси и таксија, ќе се дозволи пристап само за автомобилите на жителите, доставувачите и за итната помош.
Хидалго исто така најави пробно ограничување на сообраќајот по големите сообраќајници, како Шанзелизе, каде што ќе се дозволи да возат само автомобили со исклучително ниска емисија на штетни гасови. Во почетокот, ограничувањето ќе важи само за време на викендите, со можност подоцна да се воведе и за време на работната недела. Покрај тоа, се размислува возилата со дизел мотор целосно да се забранат во градот до 2020 година. Ограничувањето може подоцна да се воведе и на Периферик, којшто го обиколува историското јадро на градот.
Според француската политичарка, којашто го доби шестгодишниот мандат во март годинава, моментно 60 проценти од жителите во градот не поседуваат сопствен автомобил. Трендот бележи рапиден пораст. За споредба, во 2011 година, само 40 проценти од жителите се откажале од поседување автомобил. Хидалго најави и двојно зголемување на должината на велосипедските патеки до крајот на нејзиниот мандат во 2020 година. Таа планира да издвои 100 милиони евра за подобрување на велосипедскиот сообраќај и паралелно со постоечкиот систем за изнајмување велосипеди, да се воведе и изнајмување на велосипеди со електромотор.















