Volkswagen го води I.D. како студиски автомобил. Но, во него веќе работи техниката што марката од Волфсбург ќе ја понуди во серија во 2020 година, во својот прв електричен автомобил. Германците ветуваат дека тој ќе биде подеднакво значаен за индустријата и светот, како што на времето беа „бубата“ и како што до денешен ден е „голфот“. Шестотини километри на струја во автомобил по цена на добар Golf сепак не се за потценување.
Врз основа на студискиот автомобил наречен I.D, во 2020 година пристига првиот електричен автомобил на Volkswagen. Како што е вообичаено, во студијата I.D. се прикажуваат бројни технологии и добро би било доколку половината од нив преживее до сериско производство. Тоа што нема да се менува или ќе се менува само на подобро: За погонот е задолжен електромотор со моќност од 170 КС. Со досег до 600 километри со полни батерии и со цена што според Volkswagen ќе биде на ниво со Golf со мотор со споредлива моќност, идниот модел ќе одигра значајна улога во масовното прифаќање на погонот на струја на глобалниот пазар.
Со каросерија што е за една педа покуса од Golf и со лизгачки врати назад, кабината на I.D. е просторна исто колку на Passat. Тоа го овозможува новата архитектура на погонскиот концепт, со електромотор на задната оска и високололтажна батерија во подот на возилото. Серискиот автомобил што ќе произлезе од I.D. ќе биде воедно и првиот автономен модел на Volkswagen. таканаречениот „I.D. Pilot“ се активира со допирање на амблемот на Volkswagen на воланот, по што самиот волан потонува во таблата со инструменти и на возачот и совозачот им овозможува сосема ново просторно чувство во кабината. Кога автомобилот ќе научи да управува место возачот, ќе биде 2025 година.
Во идниот електромобил на Volkswagen ќе нема место ниту за клучот за возилото каков што го познаваме. Место клуч, во I.D. се користи паметниот телефон, односно истиот функционира како дигитален клуч. Идејата на Volkswagen е во тоа дека секој што во иднина ќе вози автомобил од марката, ќе добива сопствен Volkswagen ID. Овие „податоци за идентификација“ претставуваат индивидуален профил, во когошто може да се меморираат на пример личните местења на седиштето и на климатизацијата, омилените станици на радиото и на омилените музички листи, дотерувањата на озвучувањето, податоците за пријателите и за деловните партнери, исто како и конфигурацијата на навигацијата.
[FAG id=25655]

















