за ,

Париз 2016: Mitsubishi GT-PHEV го прикажува идниот Outlander

Концепт на кросовер со префинета нота го прикажува правецот во којшто Mitsubishi ја развива следната генерација на Outlander. Изгледот на Ground Tourer го следи стилот на претходно прикажаните концепти од коишто ќе произлезат новите ASX и Pajero, плагин-хибридниот погон ветува досег до 120 километри на струја.

Главниот новитет на штандот на Mitsubishi во Париз е концептниот автомобил GT-PHEV којшто го најавува идниот Outlander, како кросовер позициониран поблиску до премиум сегментот и со дизајн што продолжува во стилот на концептите XR и GC, односно најавите за следната генерација на компактниот ASX и иконскиот Pajero.

Според ветувањата на Mitsubishi, концептот GT-PHEV им „влева доверба на возачите да го управуваат својот автомобил во најразлични услови, ги поттикнува љубопитноста на возачот и авантуристичкиот дух, во желбата да се отиде уште чекор подалеку од кога било претходно.“ Стратезите на јапонскиот владетел со теренот го осмислиле возилото како „ground tourer“, односно како крстосувач надвор од асфалтираните патишта и во најдалечни предели. Ground Tourer располага со „функционална убавина, проширени можности, скулптурирана динамика и јапонско занаетчиско мајсторство.“

Mitsubishi Ground Tourer PHEV Concept

Напред секако дека доминира „динамичниот штит“ како заштитен знак на новиот стил на Mitsubishi, препознатлив по големата маска и заоблените лакови во метален финиш отстрана. Во страничната силуета ја одбележуваат хоризонтални линии, кои укажуваат на премиум карактерот на кросоверот, а воедно оддаваат и впечаток на „стабилност“ на возилото, со што дополнително се засилува впечатокот дека возилото како да е изработено од едно парче метал. Силен белег оставаат и светлата што повеќе се „легнати“ отколку исправени, односно во голем дел се провлекуваат по хоризонталните подрачја од каросеријата.

Внатрешноста го оддава благородниот карактер на хибридниот кросовер

Внатрешноста на GT-PHEV се одликува со просторност и хоризонтална ориентација на кокпитот. Високата средишна конзола влева чувство на безбедност и заштита. Во неа се поставени ротациски контролер за функциите на автоматскиот менувач и голем дисплеј на допир во врвот на конзолата, дополнителен контролер за работните модуси на погонската спрега, како и сензорско поле за рачно впишување знаци и симболи во дното на конзолата. За премиум карактерот во кабината се грижи масовната примена на кожа во боја на бургундец, со којашто е координирана и бојата на покривот.

https://www.youtube.com/watch?v=9J5ryX8x6VA

Во стилската вежба на дизајнерите на Mitsubishi се опфатени и задни светла изведени со органски диодни светилки OLED – со тридимензионален ефект, аеродинамични трикови што се сокриени од погледот (надолжни ламели под облогата на задниот столб) или диодни ленти за третото стоп светло, дводелен сончев покрив, амбиентално осветлување во кабината, камери место ретровизори, брави за безбедносен ремен вградени во самите седишта и безброј други детали – единствено збунува дизајнот на воланот, како некој да заборавил на него.

Три електромотори во погонската спрега, два за задната оска

Во погонската технологија се користи „три-електромоторен“ плагин-хибриден погон, односно два електромотора за задната оска и еден за предната оска. Останатите разлики кај концептниот автомобил се во примената на батериски модул од новата генерација, со зголемен капацитет, како и во натамошната оптимизација на бензинскиот мотор, со што се овозможува погонската спрега почесто да се потпира на енергијата во батериите, а и самиот мотор повеќе да се става во функција на генератор на струја за електромоторите. Досегот на струја е зголемен значително, на 120 километри, што заедно со бензинот во резервоарот овозможува без запирање да се вози и до 1.200 километри.

https://youtu.be/2UhEGTqyEAw

Голема љубопитност побудува користењето три електромотори. Mitsubishi во овој поглед поаѓа по примерот на Honda, којашто сличен принцип користи за суперспортскиот NSX, со таа разлика што кај неа работат два електромотора напред, а еден за задната оска, заедно со бензинецот. Mitsubishi Ground Tourer, алијас идниот Outlander, го „свртува“ тројниот принцип, со два електромотора за задната оска, со што симулира блокада на диференцијал, корисна и неизбежна при возење по тежок и лизгав терен.

Во ова расположение за технолошка игра на Mitsubishi веќе се наѕира и веродостојноста на гласините дека следниот EVO ќе биде базиран на кросовер. Оцената дека Ground Tourer PHEV е најпрогресивниот и најимпресивен, или кусо, најдобар концепт на Mitsubishi во последниве децении, воопшто нема да биде претерана.

Моделско освежување и за актуелниот Outlander и бестселерот Outlander PHEV

Покрај Ground Tourer PHEV на салонот се наоѓа и концептот што го најавува идниот електричен кросовер eX, како и новото моделско годиште на Outlander, со подобрен квалитет на материјалите во кабината, систем за замостојно запирање при опасност од судир, којшто сега е проширен со препознавање пешак на патот, исто како и контрола на мртвите агли и уште неколку системи за асистенција. Новитет кај бестселерот во сегментот на плагин-хибриди Outlander PHEV е дополнителниот модус EV Priority, којшто почесто му дава „предимство“ на електричниот погон, зависно од наполнетоста на батериите.

[FAG id=25599]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Париз 2016: Електромобилноста во речникот на Mercedes се води како EQ

Кој тоа вели дека Aston Martin не може да вози и по вода?