Ferrari се подготвува за одбележување на 70-годишнината во 2017 година. Како загревање, на салонот во Париз пристига отворена изведба од ултраспортскиот LaFerrari, со додаток Aperta и со комбинација од бензински 800 КС и електрични 163 КС.
Отворената верзија на Ferrari LaFerrari доживува премиера пред публиката во Париз. LaFerrari Aperta располага со мек покрив, а по желба може да се испорача и цврст покрив од карбонски влакна.
Погонот останува непроменет од купе-изведбата, што значи дека станува збор за V12 од 6,3 литри со моќност од 800 КС, кој добива асистенција од електромотор со 163 КС. Крајната брзина кај LaFerrari Aperta исто така изнесува 350 километри на час, забрзувањето до сто трае помалку од три секунди, а до двесте километри на час 7,1 секунди.
Техничарите постигнаа отворената каросерија да поседува иста отпорност на торзија и свивање како купето. Поради безбедносни аспекти е сменет аголот под којшто се поставени шарките на крилестите врати, а тоа повлече и соодветни промени во формата на крилата и на праговите.
Преку модификации во аеродинамиката, техничарите во Маранело се погрижиле отпорот на воздух при оворен покрив и подигнати прозорци да остане ист како кај купето. Специјална ветерна брана зад седиштата има задача да го спречи вртложењето на воздухот во кокпитот при повисоки брзини.
Ексклузивната серија е распродадена долго пред премиерата во Париз.
















