за

Отворена новата фабрика за Audi Q5 во Мексико

Додека публиката на салонот во Париз премиерно го гледа новиот Audi Q5, во Сан Хозе Чиапа почнува со работа фабриката во којашто годишно ќе се произведуваат до 150.000 примероци од втората генерација на моделот. Изградена на 2.400 метри надморска висина, фабриката во Мексико е воедно највисоко лоцирана од 12-те фабрики во производствениот синџир на Audi.

Во мексиканскиот Сан Хозе Чиапа започна со работа првата фабрика на Audi на северноамериканскиот континент. Во погоните во сојузната држава Пуебла ќе се произведуваат до 150.000 примероци годишно од новиот Audi Q5, кој штотуку доживува премиера пред публиката на салонот во Париз. Првите примероци од теренецот од средната класа ќе бидат испорачани во почетокот на следната година.

Audi е првата премиум марка што располага со полн производствен обем во Мексико. Фабриката во Пуебла чини околу една милијарда евра и се вбројува меѓу најмодерните погони на северноамериканскиот континент. На површина од 460 хектари се изградени монтажни хали, лакирници, преси, лабораторија за квалитет, центар за обука и логистички парк. Персоналот брои 4.200 лица.

https://youtu.be/eiFu1zjZ-k4

Уште пред оперативниот старт на фабриката на Audi, во околината беа изградени погоните на бројните добавувачи. Во почетокот околу 65 проценти од компонентите за Audi Q5 ќе се произведуваат локално, а понатаму и во поголем обем. Вклучувајќи ги добавувачите, во производството на Q5 се ангажирани 20.000 работни места во регионот.

Постојано расте бројот на производители на автомобили во Мексико, што се должи на поволната географска положба, спогодбата за слободна трговија со над 40 држави, ниските производствени трошоци и солидниот синџир од добавувачи. Конкурентот Mercedes исто така гради фабрика во Агуакалиентес, заедно со Nissan, додека BMW ја избра сојузната држава Сан Луис Потоси како локација за својата фабрика во Мексико.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Кој тоа вели дека Aston Martin не може да вози и по вода?

Париз 2016: Mitsubishi ASX вози во стилот на Outlander