Оригиналното трио на „Top Gear“ продолжува со лудориите

Џереми Кларксон, Ричард Хамонд и Џејмс Меј продолжуваат во стариот стил. На последното видео, триото се појавува на снимање во некоја пародична комбинација од родстер и теренец.

Видеото што деновиве беше качено на Youtube е уште една причина за новите епизоди на триото Кларксон, Хамонд и Меј да ги очекуваме со нетрпение. Водителите на стариот „Top Gear“ се појавуваат на снимање во стар Mercedes SL качен на огромни тркала, што наликува на пародија на кабриолет-теренецот Range Rover Evoque Convertible.

Очигледно е дека водителското трио не загубило од својата инвентивност по напуштањето на BBC. Новото шоу ќе стартува со емитување наесен, во серија од 36 епизоди и вкупен буџет од 250 милиони евра. Тоа значи дека за секоја епизода, на Кларксон и компанија ќе им стојат на располагање по дури шест милионите евра, наспроти 1,4 милион евра по епизода на „Top Gear“.

Тројцата водители се мошне активни и на социјалните мрежи и на Twitter објавија фотографии од снимањето на епизодата со Ferrari LaFerrari, McLaren P1 и Porsche 918. Потпишувањето на договорот со Amazon Prime, Кларксон го оцени како „преоѓање од двокатен автобус во вселенски брод.“ Споредбата е сосема на место. Според британските медиуми, контроверзниот водител ќе заработува годишно по 13 милиони евра, многу повеќе отколку во BBC. Неговите колеги ќе заработуваат нешто помалку од тоа. Поранешниот продуцент на Top Gear, Енди Вилмен, исто така е дел од екипата.

Уште не се знае насловот под којшто ќе оди новата емисија. Засега се појавуваат само шпекулации во коишто се спомнува името „Gear Knobs“, што асоцира на старата емисија, но има и по малку непристојно значење во жаргонскиот речник. Постои уште една варијанта и таа е поверојатна: Gear Nobs. Ова име наводно е регистрирано од правната агенција што го застапува шоуто.

Каналот BBC наскоро ќе ја емитува и последната епизода на „Top Gear“ со Џереми Кларксон, во којашто водителската тројка споредува стари теренски возила чијашто вредност не надминува 250 фунти.

Претходна објаваАвтопроизводителите имаат нова „кукла“ за краш-тестови
Следна објаваЈапонски дилер бара десет милиони евра за Lamborghini Veneno

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here