Драматиката од насловот е непотребна – цел свет на четири тркала знае дека во последните 12 години Toyota Camry се продава најдобро на пазарот што некогаш беше синоним за лимузинската форма. За 2015 година следува фејслифт.
Две илјади делови се променети во фејслифтот на најпродаваната лимузина во САД во последните 12 години. Единствено покривот остана каков што беше. Каросеријата е покрута, аеродинамиката е подобрена, возењето потивко. На тоа доаѓаат уште редизајниран кокпит со поубедлив впечаток за квалитет и нови инструменти.
Според американските инженери на Toyota, новата Camry има најдобра управливост и највисок комфор досега, што е особено важно за 45-те проценти од клиентелата на моделот којашто се решава за изведбата Camry SE и во просек е 12 години помлада отколку на другите нивоа на опрема. Токму заради подобрената динамика на новиот Camry се воведува и уште поспортската верзија XSE, со бандажи до 18 инчи, потстегнато подвозје и плус комфорна опрема. Исто како и врвното ниво XLE, сите овие спортски модели се достапни со 2,5-литарски четирицилиндарец со 178 КС или со 3,5-литарски V6 со 268 КС.
Меѓу поинтересните ставки во опремата во кокпитот е можноста за индуктивно, односно безжично полнење на одредени модели на мобилни телефони, како технологија преземена од Lexus. Исто како од оваа страна на големата бара, во инструментите се воведуваат големи дисплеи, во случајов од 11 сантиметри, заради прегледност со растечкиот број на информации во возењето. Американците се грижат за безбедноста, па добиваат соодветна понуда и во Camry: Предзатегнување на ремените пред судир, радарски темпомат, следење лента, автоматика за долго светло, контрола на мртвите агли. Десетте воздушни перници се стандард, вклучувајќи странични воздушни перници назад, како и за колената за обата патника напред. Постојат четири интересни системи за сигурност и безбедност: Автоматска дојава на незгода до амбулантните служби, лоцирање на украденото возило, копче за алармирање при незгода и помош на пат.
Camry е еден од седумте модели со хибриден погон што Toyota ги нуди во САД за следната година. Како мотор во Camry Hybrid работи 2,5-литарски бензинец, во „еткинсон-циклус“ и заедно со електромоторот дава системска моќност од 200 КС. Можноста за надворешно полнење на батериите отсуствува, исто како и литиум јонските батерии, така што „двосрчаната“ Camry вози на струја околу 2 километри со брзина до 40 km/h.
За големата држава и за големата лимузина, Toyota нуди повеќе изведби на радио и навигациски системи, со дисплеј од 6,1 или 7 инчи, со можност за тагирање на iTunes и сателитско радио SiriusXM. Блутут е стандард, вклучувајќи команди на воланот, исто како и USB, со репродукција на аудио и видео запис од сите преносни уреди. Секако, системот вклучува и целосна интеграција на iPod.
Јапонската марка е горда на седумте илјади Американци што работат на Camry, од развојот и инженерингот во Мичиген, до производството во Кентаки. Гаранцијата е тригодишна, со ограничување на 60.000 километри, со доплата се добиваат 60 месеци гаранција за моторот, до 100.000 километри, како и гаранција против корозија, без ограничувања во километражата. Гаранцијата кај хибридот покрива период од 8 години или 160.000 километри.
Во минатата година на пазарот во САД се продадоа околу 400.000 примероци од Camry, со што лимузината на Toyota е најпродаван автомобил на големиот пазар. Најпродаваното возило сепак е друго. Серијата пикапи F на Ford се продава двојно повеќе.
















