Во четвртокот Музејот на македонската борба беше средиште на настан каков што браншата ретко доживува во последниве години: Премиера на новите модели на Opel во полниот автомобилски сјај.
Веќе со години појавувањето на новите автомобили на нашиот пазар не се прославува со вообичаениот сјај. Браншата трпи од лошото раководење со увозот на користени возила, дополнително и економската ситуација ја ограничува продажбата на нови автомобили. Но, оптимизмот не е изгубен, секогаш има надеж за најдобрите. Дилерот Олимпија Моторс во минатиот четврток го прослави пристигнувањето на фејслифтот на Opel Insignia и на новиот кабриолет Cascada во свечена манифестација во Музејот на македонската борба во Скопје.
Госпоѓа Светлана Пљакоска, управителка на Олимпија Моторс, го објаснува сценариото за настанот: „Оваа година Олимпија Моторс направи манифестација во вид на одбројување, почнувајќи од бројот 5. Сакавме да споделиме 5 искуства на клиенти кои поседуваат возила Opel, потоа 4 случки раскажани од вработените, тројката припадна на трите плакети кои Олимпија Моторс ги додели на тројца клиенти, двојката на најновите модели на Opel, а на крајот манифестацијата се заокружи со коктел за присутните гости.“
Свечениот амбиент во Музејот и изложените модели на Opel го задржаа вниманието и го подгреаја расположението на гостите во дружењето што продолжи во текот на целата вечер. Првите луѓе во фирмата очекуваат дека новата Opel Insignia повторно ќе биде еден од најпродаваните модели на македонскиот пазар, за што ќе придонесат квалитетите на возилото од една страна и правилната политика на General Motors и на Олимпија Моторс за следење на вистинските потреби на возачите.