Тоа што многубројните ентузијасти ги води до салонот во Женева не се новитетите од големосериските производители, туку креациите од мануфактурните работилници што обично се изработуваат во само неколку примероци. Шансата овие автомобили да се сретнат на улица е еднаква на еден наспрема милион.
Големите имиња на автомобилската сцена се веќе преголеми да бидат интересни. Медиумите се натпреваруваат први и единствени да објават колку е можно повеќе информации за новитетите од големосериските производители, долго пред нивната премиера на салоните. Кој уште нема слушнато и дознаено се за Volkswagen Arteon, Opel Crossland X, за Mercedes E-Class Cabriolet или Volvo XC60? Тоа што му дава особен печат на салонот во Женева се премиерите од буквално работилниците за автомобили. Повеќето од нив чинат најмалку еден милион евра или барем половина милион, но најмногу се издвојуваат со начинот на изработка, различен од масовното производство и екстремен – и во класичен и во футуристички правец.
Artega Scalo Superelettra
Првото поглавје на германскиот производител на спортски автомобили траеше само шест години. Во 2009 година, три години по основањето, Artega го претстави спортскиот модел GT, со дизајн потпишан од прочуениот Хенрик Фискер, иако изгледот повеќе потсеќаше на исплакната верзија на Porsche Cayman. За погонот беше задолжен 3,6-литарски шестцилиндарец од Volkswagen, вграден средишно и со моќност од 300 КС. Дисциплината спринт му лежеше на GT, со 4,8 секунди до темпо сто. Кусо по почетокот на продажбата на овој модел, Artega започна соработка за развој на модел со електричен погон. Прототипот SE се појави на салонот во Франкфурт, но не доживеа сериско производство, затоа што Artega објави стечај во 2012 година. Дотогаш беа произведени вкупно 153 возила.
Пред две години пристигна новиот сопственик и на салонот во Франкфурт беше претставен електричниот Scalo. Годинава пред публиката во Женева веќе се преоѓа во следното поглавје на марката. Scalo Superelettra располага со четири електромотори со вкупна моќност од 1.020 КС и вртежен момент од 1.620 њутнметри. Купето со три седишта со оваа моќност успева да спринтува до сто за 2,7 секунди. Производството е најавено за 2019 година, планирани се педесет примероци, со цена меѓу половина и еден милион евра.
David Brown Speedback GT
Марката со име што повеќе потсеќа на моден дизајнер или светски диџеј доаѓа од Британија. David Brown е основана во 2010 година и досега има изработено само еден модел, Speedback GT. Ова купе во ретро стил се појави во 2014 година и непогрешливо го следи дизајнот на раните модели на Aston Martin, на бондовскиот DB5 и на DB6. Техничката основа сепак доаѓа од една друга марка, од Jaguar. Појавувањето на Speedback се поклопи со моментот кога Jaguar XKR ги напушти производствените ленти. Под хаубата работи познатиот V8 со 510 КС.
На салонот покрај езерото Леман годинава е претставена целосно преработената верзија на Speedback. Според производителот, променети се 237 позиции, но изгледот не се смени. Зафатите ја опфаќаат алуминиумската каросерија, има и нови ставки за персонализација, како и понуда на брендирана облека и прибор. Со опаѓањето на вредноста на фунтата, цената на Speedback GT во меѓувреме се намали за околу 200.000 евра на извозните пазари, но и тоа не менува многу. Ретро-купето и натаму чини близу шестотини илјади евра. Поголем проблем се чини чекањето на испораката. Од стартот на производството во 2014 година, досега се изработени само пет од планираните сто возила.
Eadon Green Black Cullin
Ново име стапува на автомобилската сцена, со премиерата во Женева. Исто како и претходната марка, Eadon Green пристига од Британија и пред отворањето на салонот предизвика голем интерес во јавноста со скиците на коишто беа прикажани детали од нивниот прв автомобил. Од нив можеше да се насети дека станува збор за необичен автомобил, но никој не можеше да претпостави дека тој ќе биде необичен до крајност. Black Cullin го носи името на планина во Шкотска и се појавува со стил на екстравагантно купе од 1930-те години. Поточно, спој на стилот на неколку модели од тоа време, а најмногу Alfa Romeo 8C 2900, миленикот на Феликс Итон, сопственик на фирмата. Се насетуваат и линии на Bugatti Atlantic Type 57 и Talbo Lago.
Како што прилега, Black Cullin има долга хауба, опаш што се провлекува донедоглед, моќно испакнати крила и масивни странични прагови. Иам причина за долгата хауба. Таму работи V12, со когошто овој необичен автомобил постигнува над 270 километри на час. Производителот не открива натамошни детали, се чека реакцијата на публиката, а таа сигурно нема да остане рамнодушна. Барем додека не стапне на штандот на Morgan.
NanoFlowcell Quant 48 Volt
Фирмата што е на домашен терен на салонот во Женева, веќе неколку години ја одушевува публиката со својот електричен автомобил Quant и во исто време ги држи експертите во неизвесност со мистериозната технологија што му дава таква супериорност на возилото. Првиот модел на NanoFlowcell беше развиен во соработка со Koenigsegg и ветуваше досег над 500 километри уште пред Tesla, како и перформанси со коишто секој Ferrari би бил поразен. Тајната на Quant се таканаречените редокс-флоу батерии, коишто за разлика од обичните батерии не се приклучуват на полнач, туку буквално се полнат со електролит. На тој начин, Quant е подготвен за продолжување со возењето за околу четири минути. Експертите ценат дека течниот електролит е неисплатлив за производство, но затоа сите се импресионирани од енергетската густина од 600 ватчасови по литар зафатнина. Тоа значи 120 киловатчасови со „резервоар“ со волумен од сто литри. За споредба, најсилниата моделска изведба на Tesla S располага со батерии со капацитет од 100 киловатчасови.
NanoFlowcell продолжува да ја усовршува својата технологија, со двата примерока од Quant прикажани во Женева. Во нив работи 48-волтна техника, којашто е поевтина во споредба со високоволтните системи во обичните автомобили со погон на батерии. Потребната моќност ја обезбедуваат кондензатори вградени меѓу електромоторот и батеријата со течен електролит, коишто можат да испорачаат силна струја за кусо време. Според Швајцарците, цената на малечкиот Quantino би изнесувала околу 35.000 евра. За поголемата лимузина се потребни и повеќе пари, далеку над 100.000 евра. Тоа е веќе во рангот на Tesla Model S, исто какои моќноста од 760 КС и крајната брзина од 300 километри на час. NanoFlowcell сепак нема намера да произведува автомобили, туку целта е првенствено технологијата со батерии со „солена вода“ да се направи достапна за останатите производители.
Noble M600 Carbon Sport
Уште една британска марка ја брани честа на мануфактурното производство на салонот под Алпите. Noble започна во производство на спортски купеа со средишно вграден мотор и лесна конструкција во 1999 година и оттогаш има стекнато големо искуство во примената на карбон. Целосната каросерија на актуелниот Noble M600 е изработена од пластика зајакната со карбонски влакна, што секако се огледува во тежина. Овој беспрекорен спортист со изглед како моделите на Ferrari од доцните 1990-ти години тежи само 1.200 килограми. Моторот V8 со битурбонатполнење и 670 КС е изработен од Yamaha и на времето се вградуваше во Volvo XC90. Во ваква средина не зачудуваат спринтот до сто за точно три секунди и крајната брзина од над 360 километри на час.
Деновиве во халите на Палекспо дебитира верзијата M600 Carbon Sport, со нелакирана каросерија, што овозможува да се гледа карбонот. По желба на купувачот, а тоа значи и со доплата, овие карбонски влакна можат да бидат изведени и во боја. Заедно со Carbon Sport, во Женева се појавува и кабриолет изведбата од M600, којашто наспроти останатите родстери има значајна предност. Поради тоа што карбонската школка е доволно цврста, нема потреба од дополнителни зајакнувања, какви што се неопходни кај обичните отворени каросерии. Тоа значи дека тежината на кабриолетот не се зголемува. Британците за првпат нудат опција за менувач со двојна спојка, но систем против блокирање на сопирачките и клима уред и натаму се недостапни во Noble.
Sbarro Mojave
На домашен терен е уште една ретка марка, но задолжително присутна на салонот. Sbarro постои веќе половина век, иако веќе извесно време е преименувана во A.C.A. Atelier d’Etude de constructions automobiles. Тоа не менува ништо, оваа каросериска работилница за браншата и натаму се води под името на основачот Франко Збаро. Да нема забуни, Швајцарецот нема ништо заедничко со американската пица-династија што го носи истото име. Кадарот што излегува од оваа школа изработува уникатни автомобили.
Годинава е ред за спартански хот-род во ретро стил. Sbarro Mojave поседува долга хауба, зад којашто следува малечка кабина, и сето е поставено на огромни бандажи од 20 инчи. Под хаубата е четирилитарски V8 со 294 КС од Jaguar, додека петстепениот менувач го испорачува BMW. Перформансите не се наведуваат, но за познавачите е доволен фактот што тежината на Mojave изнесува одвај повеќе од еден тон.
Scuderia Cameron Glickenhaus SCG003S
Името Џејмс Гликенхаус можеби им е повеќе познато на филмофилите. Гликенхаус е познат режисер, сценарист и продуцент, кој се повлече од филмскиот бизнис во последната декада од минатиот век и се посвети на инвеститорската сцена. Заработката како инвеститор, некогашниот режисер ја вложува во својата најголема страст, спортските автомобили. Во 2005 година, тој нарача Pininfarina да му изработи уникат на база на Ferrari Enzo, за десет години подоцна да го претстави својот прв автомобил Scuderia Cameron Glickenhaus SCG003, со конструкција инспирирана од прототипите на Леман. Болидот веќе има постигнато една победа во класа на трките во издржливост.
Последната варијанта на суперспортското купе има дополнителна ознака S и располага со моќност од преку 800 КС и крајна брзина од 350 километри на час. Благодарение на карбонскиот монокок, SCG003S постигнува исклучително ниска тежина и го совладува стандрдниот спринт за помалку од три секунди. Моќта пристига од 4,4-литарски V8, кој ги пренесува своите 850 њутнметри само на задната оска. За разлика од тркачката верзија, во моделот S се нудат и комфорни ставки, како клима уред, централна брава и инфо-забавен систем. Ретровизорите се непотребни, заменети се со камери.
Spyker C8 Preliator Spyder
Холандските автомобилски марки станаа реткост, откако DAF продолжи да произведува само камиони. Пред две години се закануваше опасност и производителот на суперспортски автомобили Spyker да исчезне од сцената, но фирмата се извлече во последниот момент. Тогаш Холанѓаните излегоа со став дека во иднина ќе произведуваат единствено спортски автомобили со електричен погон, но во 2016 година сепак беше претставен C8 Preliator – со класичен мотор со внатрешно согорување. Под раскошно стилизираната каросерија на Spyker работи V8 со 525 КС од Audi.
Последниот развоен степен на Spyker е C8 Preliator Spyder, родстер изведба, којашто исто како купето може да се нарача со мануелен или автоматски менувач. Со тежина од 1,4 тон, родстерот постигнува над 320 километри на час. И цената изнесува над 400.000 евра.
Vanda Electrics Dendrobium
Додека плановите на Spyker да се специјализира за спортски автомобили со електричен погон остануваат да се реализираат во блиска иднина, една нова марка од Сингапур ги претркува Холанѓаните. Vanda Electrics го претстави својот Dendrobium, со моеби премногу разигран дизајн, во когошто производителот гледа цвет на орхидеја, барем во случај кога ќе се отворат крилестите врати, па и покривот заедно со нив.
Во некоја следна фаза овој двосед ќе располага со погон од четири електромотори – засега се само два, за задната оска. Но, и тоа е доволно за возбудливи перформанси. Спринт за 2,8 секунди до темпо сто и крајна брзина од 320 километри на час, при тежина на електромобилот од 1,7 тон. Мала серија од Dendrobium ќе биде подготвена до 2020 година, но не каде било, туку токму кај англискиот специјалист за мотоспорт Williams. Во рачна изработка ќе настане серијата со помалку од сто примероци. Цената на автомобилот ќе биде во седумцифреното подрачје.
Zenvo TS1 GT 10th Anniversary
Од Данска пристига марката суперспортски автомобили Zenvo, којашто произведува во мали серии, по цена над 800.000 евра. Од моделот ST1 се изработени само 15 примероци, а веќе е време за наследникот. Данците не се мачат премногу со именувањето на својот нов модел и едноставно го превртуваат името во TS1. Тоа е неважно, покрај 5,8-литарскиот V8 со 1.180 КС и вртежен момент од 1.100 њутнметри. Болидот од 1,6 тон забрзува до сто за 2,9 секунди и според производителот постигнува крајна брзина од 375 километри на час.
Zenvo допатува во Швајцарија во славеничко расположение. Марката одбележува десетгодишнина и по тој повод го изработи TS1 GT 10th Anniversary. Највпечатливата отстапка од стандардниот модел е дречливата светлосина боја на каросеријата. Во сето останато, овој спортист од марката што го носи името според осумножен коњ од скандинавската митологија е истоветен со неславеничкиот модел.




































