Овие десет добавувачи се вистинските производители на автомобили

Откако добавувачот Prevent ја прекина доставата на делови и Volkswagen се најде во опасност да го прекине производството, јасно е дека улогите во автомобилската бранша се сменети. Вистински производители се добавувачите, во фабриките на автомобилските марки само се врши завршна монтажа. Без следниве десет добавувачи повеќе не може да се произведе ниту еден автомобил.

Застрашувачка епизода ќе се случеше откако добавувачот Prevent пред две седмици реши да престане со испорака на делови за менувачи и за седишта за фабриките на Volkswagen. Тоталниот анонимус во браншата реши да ги одмери силите со гигантот од Волфсбург и на крајот сепак испадна губитник, но едно докажа. Денес, добавувачките компании се тие што владеат со производството на автомобили.

На шефовските катови порано се стравуваше најмногу од штајкови, од синдикати што повикуваат за оставање на работните места на производствената лента и за протестирање за подобри работни права. Во случајот со добавувачот на Volkswagen се покажа дека денес најголемата закана за производството пристига од друго место, од компаниите што го сочинуваат вториот и третиот производствен прстен околу самото јадро, околу фабриките за автомобили.

Големите производители ги оставаа добавувачите со минимална заработка

Ваков случај ќе беше незамислив до пред само неколку години. Порано улогите беа поделени јасно. Производителите на автомобили ги држеа добавувачите под строга контрола и им налагаа строги услови на соработка, а особено во поглед на заработката. Договорите за испорака се обновуваа секоја година, просторот за профит на добавувачите се стеснуваше постојано. Големите производители на автомобили ги цедеа своите добавувачи буквално како лимон.

Ветриштата во меѓувреме се променија. Компаниите што испорачуваат компоненти за фабриките за автомобили станаа свесни за своето значење и притискаат за израмнување на нивниот статус со производителите на автомобили. Конкуренцијата е остра, крајот на ценовната спирала е достигнат, лимонот е исцеден до крај. За ситуацијата да биде посложена, постојано се појавуваат стартап-компании за производство на автомобили, коишто повеќе ги ценат добавувачите отколку големите автомобилски марки, а се чини дека и многу полесно ги обезбедуваат финансиите. Добавувачите го користат ова зголемување на изборот на клиенти и веќе почнуваат да поставуваат свои барања.

Фабриките не располагаат со магацини и се испорачува точно според планот

Поставеноста на производствениот процес ги става автомобилските фабрики во оваа незавидна положба. Големите фабрики денес не располагаат со магацини за складирање на компоненти, туку истите се испорачуваат од добавувачите во точно време и во точно утврдена количина, зависно од потребите на производството. Покрај тоа, денес се применува таканаречена модуларна продукција, односно до фабриките се испорачуваат цели модули и групи. Доколку се случи мала грешка во строгата организација, производството на автомобили мирува. Тоа прави фабриките да се зависни од добавувачите.

Во продолжение следуваат најголемите добавувачи во светот, без коишто повеќе не може да се произведе автомобил.

Bosch

Ова име му е познато на секој што барем еднаш во животот има сменето свеќички за палење или акумулатор. Автомобилската индустрија не може да се замисли без германскиот гигант. Освен класични делови и системи, како инјектори за гориво, контролни единици за мотор, системи за управување или системи за контрола на стабилноста, Bosch е водечко име и во системите за асистенција, коишто се основа за техниката на автономно возење. Тука спаѓаат и радари и камери. Bosch моментно врши тестирање на автономното возење со неколку прототипи.

Magna

Австриско-канадскиот добавувач Magna исто така има најширока производствена програма. Покрај производство по налог за разни марки, меѓу кои и Mercedes и Mini, специјалност на Magna се погонски технологии, особено погон на сите тркала и преносни механизми. Од почетокот на годинава дел од концернот е германскиот производител на менувачи Getrag. Импресивна е производствената програма: Сончеви покриви и покриви за кабриолети, компоненти за подвозје, електроника, седишта, па дури и цели каросерии. Magna учествува и во развој на автомобили, конкретно на кинескиот Qoros 3.

Continental

Continental има многу повеќе производи од пневматици за автомобили. „Гумите“ учествуваат само со 26 проценти во годишниот промет од 39 милијарди евра. Меѓу специјалностите на Continental се вбројуваат и хибридниот погон, безбедносни системи, сензори за системи за асистенција при возење, сопирачки, инструменти за кокпит и најразновидни производи од пластика.

Denso

Denso е јапонскиот пандан на Bosch. Негов домен се електрониката, системи за ладење на мотор, клима-уреди, компоненти за хибриден погон, воздушни перници, радари и ласерски сензори. Порано Denso беше дел од Toyota, но по преструктурирањето на јапонската економија по втората светска војна, компанијата се издвои од производителот на автомобили. Најголемиот дел од продукцијата сепак отпаѓа на Toyota.

Aisin Seiki

Јапонскиот добавувач е познат првенствено како специјалист за менувачи. Во голем број актуелни модели се вградува осумстепениот автоматски менувач од Aisin. Други подрачја на производство се подвозје, компоненти за мотор и за погонска спрега, како и сопирачки.

Hyundai Mobis

Како што укажува името, овој добавувач е тесно поврзан со концернот Hyundai. Иако Корејците користат делови од европски и американски добавувачи, сопствената сестринска компанија располага со широк асортиман од автомобилски компоненти, почнувајќи од диодни светла, системи за контрола на стабилност, хибриден погон, електрика, сензори, кокпит и делови од подвозје.

Faurecia

Групацијата PSA Peugeot Citroen е сопственик на главнината од акциите во овој француски добавувач. Faurecia испорачува кокпит, издувни системи, седишта, каросериски компоненти, но има развиено и филтри за честички за бензински мотори со директно впрскување, коишто ќе бидат неизоставни за исполнување на строгите норми за издувни гасови во следниот период.

Johnson Controls

Меѓу големите играчи на сцената на добавувачи се наоѓа и американскиот Johnson Controls. Главна специјалност се седишта и акумулатори.

ZF Friedrichshafen

Голем број модели користат менувачи, спојки, делови за подвозје, амортизери, делови за седишта и системи за управување од германскиот ZF. Меѓу деловите за подвозје спаѓаат амортизери, сферични зглобови, стабилизатори, лежишта и попречни водилки. Гигантот располага со 230 производствени погони во повеќе од 40 држави. Во минатата година компанијата се прошири со купувањето на американскиот добавувач TRW, а со тоа и производствената програма се прошири со сопирачки, воздушни перници, системи за асистенција и сензори.

Michelin

Исто како повеќето производители на пневматици, Michelin располага со повеќе подмарки, вклучувајќи ги Kleber и BF Goodrich. Голем број автомобили излегуваат од фабрика со пневматици од францускиот производител.

Претходна објава10.000 евра за играчка од Bugatti Chiron
Следна објаваPorsche Cayenne ќе излегува од фабрика со гуми Nexen

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here