Норвешка ќе забрани дизели и бензинци – и ќе ја укине електро-субвенцијата

електрични автомобили норвешка

Норвешка е упорна во намерата да ги забрани автомобилите со бензински и дизел мотор, но моментно се двоуми околу укинувањето на субвенцијата за електромобили. Неизвесно е дали тоа ќе ја десеткува продажбата.

Плановите на норвешката влада предвидуваат во земјата да не се регистрираат нови автомобили со бензински или дизел мотор по 2025 година. Тоа е значаен дел од националниот план за транспорт, чијашто основна цел е да се намали емисијата на штетни материи. Транспортниот сектор учествува со околу една третина во вкупната емисија на СО2 во Норвешка. Во планот се опфатени и останатите видови на превоз. Сите новорегистрирани бродови и траекти по 2030 година мора да имаат нулта емисија на штетни гасови, додека во авиосообраќајот и патниот транспорт на стока ќе се зголемува уделот на биогоривата.

15 проценти од новорегистрираните автомобили имаат електричен погон

Скандинавската земја со нешто повеќе од пет милиони жители е водечка во поглед на електричниот погон. Не постои друга држава во Европа во којашто се продаваат повеќе електрични автомобили по глава на жител. Околу 15 проценти од новорегистрираните патнички автомобили имаат електричен погон. Во иднина уште повеќе ќе се зголемува нивниот број.

Норвешка изгуби над 240 милиони евра од даночните ослободувања, што ја става владата пред тешка одлука. Дали електромобилноста да се подржува и натаму или даночно да се оптоварат возилата со конвенционален погон?

Земјата што стекна огромно богатство од своите резерви од нафта и гас ја добива речиси сета струја од еколошки извори, односно претежно од водата и од ветрот. Веќе со години во земјата се применува широкограда субвенција при купување електрични возила, дополнително вклучувајќи даночни ослободувања и привилегии во секојдневното користење. Тоа даде силен поттик на продажбата. Но, постои еден проблем. Норвешка изгуби над 240 милиони евра од даночните ослободувања, што ја става владата пред тешка одлука. Дали електромобилноста да се подржува и натаму или даночно да се оптоварат возилата со конвенционален погон?

Производителите реагираат со вградување акумулатори со поголем капацитет

Останува проблемот со ограничениот досег на електричните возила и со скромната мрежа од полначи, поради што повеќето експерти и возачи во земјата сметаат дека се потребни уште неколку години додека истиот се надмине. Производителите на автомобили веќе реагираат и во своите возила вградуваат сé помоќни акумулатори. Nissan најави дека следната генерација на Leaf ќе постигнува досег од околу 500 километри.

Покрај субвенциите, дополнителен интерес за електричните автомобили даваа и повластиците во секојдневието: Бесплатен паркинг, користење на лентата за јавен превоз, ослободување од наплата на патарина и др.

Во Националниот план за транспорт се предвидуваат даночни ослободувања за возилата со ниска или нулта емисија на штетни гасови. Но, владата на конзервативците и либералите веќе размислува за повлекување на планот и постепено намалување на даночните ослободувања за возилата со нулта емисија по 2017 година. Со тоа ќе се намали кусокот во државниот буџет којшто останува поради ненаплаќањето на данокот од возилата со погон на струја.

Број на новорегистрирани возила со електричен погон во Норвешка, вклучувајќи плагин-хибриди, во периодот од 2004 до 2015 година

Се размислува данокот за автомобили да се врати во 2018 година и ослободувањето од данок на додадена вредност да се замени со бонус, чијашто висина ќе се намалува од година в година. Во неколку норвешки градови веќе е забрането електричните автомобили да ја користат лентата за јавниот превоз. Покрај тоа, општините решаваат сами дали паркирањето за електромобилите и натаму да биде бесплатно или да се наплаќа. Парламентот ќе гласа за планот во следната пролет.

Претходна објаваFord им најде „занимација“ на најдобрите пилоти на дрон
Следна објава25-годишнина на Subaru SVX: Јапонскиот гран-туризмо со италијански гени

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here