Продажбата на Nissan Leaf во Норвешка ги надминува сите очекувања. Причините за успехот не се само од еколошка природа
Норвешка е земја со најмногу примероци од Nissan Leaf по жител. Првиот електричен автомобил од сериско производство учествуваше во вкупната продажба на возила во богатата скандинавска држава со 1,7 процент во 2012 година. Со тоа, Nissan Leaf се најде на 13-то место на најпродавани возила во земјата, со 2.298 примероци. Уште поимпресивен е податокот дека во Трондхајм, вториот град по Осло, Leaf е втор најпродаван автомобил.
Откако продажбата започна во октомври 2011, во Норвешка се продадоа повеќе од 3.300 примероци од е-мобилот. Leaf е втор најпродаван модел на Nissan, со само 599 примероци помалку од Qashqai.
Причина за успехот е фактот што петте милиони Норвежани имаат развиено огромна совест кон животната средина и имаат пристап до струја од обновливи извори. Хидроелектраните покриваат 99 проценти од потребите од струја, повеќе од која било друга земја во светот.
Продажбата е поттикната и со државните субвенции, односно возилата на струја се ослободени од ДДВ и од патарина. Покрај тоа, сопствениците на возила на струја можат да ја користат помошната лента, обично резервирана за автобуси. Додека во сообраќајниот шпиц се патува обично по еден час, со Leaf возењето во метежот трае само 20 минути по помошната лента. Возачите не плаќаат ниту паркинг, ниту пак им се наплаќа струјата за полнење на батериите на специјалните паркиралишта.
Норвешка има растечка мрежа од станици за брзо полнење. Овие станици, на кои батериите можат да се наполнат до 80 проценти за половина час се поставени во големите трговски центри и на паркиралиштата. Поради популарноста на погонот, Nissan ќе постави во Норвешка 10 од планираните 400 станици за полнење на територијата на Европа. Од неодамна е потпишан договор за поставување станици за полнење пред рестораните на Мекдоналдс.
Моментно, Норвешка располага со повеќе од 3.500 јавно достапни станици за полнење, а до крајот на годината ќе се постават уште 200, вклучувајќи ги Шведска, Данска и Финска.