Тоа го умее само Mini. Колку помалку се менува овој автомобил од генерација во генерација, толку станува посимпатичен. Уште неколку денови пред премиерата во Лос Анџелес.
Можеби Американците живеат во убедување дека „Големо е убаво“, но едно малечко автомобилче ги убеди во спротивното откако ќе им го украде вниманието на поголемите и посилните од него при претстојната премиера на салонот во Лос Анџелес. Несомнено, новиот Mini ќе биде една, а ако не и најголема ѕвезда на салонот.
Дизајнот е истиот, само освежен, кабината е попросторна, кокпитот пречекува со целосно нов начин на ракување и прикажување на информациите. Тоа што е уште поважно: Моторите се комплетно нови и од BMW, нема повеќе мешање жаби и баби со Peugeot, Toyota или Chrysler.
Напредната технологија отсекогаш одела рака под рака со Mini. Оваа генерација на малечкото од островот за прв пат може да се нарача со приспособливи амортизери, со светла со светлечки диоди за сите функции, пристап на интернет и свежо осмислени системи за асистенција, како проекциски дисплеј или самостојно паркирање.
Десет сантиметри плус меѓу оските, повеќе простор внатре
Во споредба со претходникот, каросеријата порасна за 98 mm во должина, за 44 во ширина и 7 во висина. Меѓуоскиното растојание е поголемо за 28 милиметри, со плус од 42 милиметри во ширината на трагата на предната оска и 34 на задната. Од новите димензии профитираат возливоста во свијоци и комфорот во возење, исто како и патничката кабина и багажникот, кој сега има плус 51 литри, односно вкупно 211 литри.
Само во Mini во мини-класата: Диодни и динамични светла
Како прво возило во сегментот, а веројатно уште долго и единствено, Mini може да се добие со диодни светла за собореното и долгото светло, во комбинација со диодни дневни светла. Втора опција е приспособливата распределба на светлосниот сноп, зависно од условите на возење и траекторијата на патот.
Квалитетен ентериер со нов концепт на ракување
Внатрешноста исто така го следи оригиналниот дизајн на Mini, за која Британците убедуваат дека посредува поубедлив впечаток за квалитет и премиум марка. На традиционалнистите можеби нема да им се допаѓа преместувањето на брзиномерот на столбот на управувачот, заедно со бројачот на вртежи, резервата од гориво и функцискиот дисплеј. Со ова репозиционирање се отвори поголема функционалност на средишниот инструмент во кокпитот. Преку него се ракува со функциите на возилото, со климата, радиото, со пристапот на интернет, навигацијата и телематиката – во стил на големата мајка BMW и контролерот iDrive. Целото доживување зад воланот е дополнето со нов концепт на осветлување околу средишниот инструмент, со избор на шест бои.
Поголемиот простор во кабината понуди и зголемена функционалност. Задната клупа сега се мести и по агол, има повеќе простор за ситнурии и дополнителна преграда зад украсната лајсна пред совозачот.
Нови мотори со технологија MINI TwinPower Turbo
За пазарот во САД ќе се нудат две изведби, MINI Cooper и MINI Cooper S. Обата модела возат со нови мотори, со директно впрскување, варијабилно управување со брегастите вратила во издувот и вшмукувањето, како и со варијабилно управување со вентилите по пример на Valvetronic од BMW. Менувачот е со шест степени, а како опција се добива и шестстепен автоматик.
MINI Cooper S вози со дволитарски четирицилиндарец со 189 КС и 280 њутнметри. Со овербуст, вртежниот момент на кусо се качува на 300 њутнметри, што е корисно при престигнување. Британците декларираат 6,8 секунди до 100 и крајна брзина од 235 km/h. Послабиот модел има трицилиндарец од 1,5 литар, со 134 КС и 220 њутнметри. За него забрзувањето трае 7,9 секунди, а крајната брзина е 210 km/h.
MINI Driving Modes: Спортување на притисок на копче
Со вртлив прекинувач во дното на менувачот се избира стандардна, спортска и штедлива програма за возење. Секоја од трите програми влијае различно врз реакцијата на педалот за гас и управувањето, како и на тврдоста на амортизерите. Последново е достапно доколку од списокот на дополнителна опрема се изберат приспособливи амортизери, со комфорна или спортска работа. За уште поголема агилност во свијоци, Mini поседува електронска симулација на блокада на диференцијал.