По трите пожари во минатата година, Tesla Model S сега има проблеми и со мразот. Неколку сопственици во Норвешка не можат да ги наполнат батериите поради преголемиот студ.
Светот на автомобилите доживеа вистинска сензација во минатата година кога Model S на американскиот специјалист за електричен погон стана најпродаван автомобил на норвешкиот пазар за месеците септември и декември. Еуфоријата за возилото со погон на батерии сега буквално замрзна. Според пишувањата на новрешките медиуми, повеќе сопственици на Tesla имаат проблеми да ги наполнат батериите на нивното возило по наглото спуштање на температурите во скандинавската земја.
Батериите на Model S не се полнат иако сопствениците на возилата ги приклучиле на струјната мрежа. Од Tesla наведуваат дека станува збор за феномен што се случува само во Норвешка и поврзан е со преголемата чувствителност на тамошната струјна мрежа. Несомнено е дека имиџот на Tesla ќе претрпи уште еден силен удар. Лани беа пријавени три случаи на пожар на Model S во САД.