
Škoda Superb досега нудеше само едно: Многу простор. За освојување нови купувачи и подобро профилирање против лимузините во средната класа е потребен и карактер. Отсега ќе го има и тоа.
Првата генерација на Superb беше верзија на Passat, втората генерација беше голема и беше Volkswagen, а третата генерација ќе добие многу подостоинствен опис и карактер откако ќе ја доживее премиерата на 17-ти февруари во Прага. Чесите ветуваат силен емотивен набој во дизајнерскиот настап на новиот Superb, а дел од тоа би требало да се наговести во неколкуте фотографии што се објавени синоќа. Намерата на дизајнерите била да се потенцира прецизноста и вештата изработка, согласно името што го карактеризира чешкото врвно занаетчиство, особено во изработката на стакло.
Škoda Superb е знаменосец на чешката марка од 2001 година. Досега Škoda има испорачано преку 700.000 примероци од првата и втората генерација на Superb, со што моделот се вбројува меѓу најпопуларните имиња во средната класа.















