за

Новиот Smart се развива заедно со Renault

Малечкиот автомобил на кого многумина му го видоа крајот кусо по неговата премиера во 1998 година веќе се подготвува да се појави во третата генерација. Партнер во развојот е Renault.

Прво беше одушевување, потоа дојде разочарување. Кога првата генерација на Smart се појави во 1998 година, пазарот немаше видено друг мини автомобил со толку оригинален и интелигентен концепт. Но, потоа дојдоа критиките. Полуавтоматскиот менувач се инаетеше како магаре, амортизацијата беше мисловен поим. Во втората генерација во 2006 година веќе беа надминати детските болести, но сега следува друг проблем. Продажбата постојано опаѓа. Време е за наследник. Тој ќе се појави следната пролет на салонот во Женева.

Марката Smart е од стратешка важност за концернот Daimler. Со ниската потрошувачка и соодветно малата емисија на СО2, таа ги компензира големите трошачи на Mercedes со моќни мотори и го спасува концернот од пеналите што од 2015 година ќе треба да и се плаќаат на Комисијата на ЕУ доколку возниот парк на гигантот од Штутгарт го надмине лимитот од 130 грами СО2 на километар. Од друга страна, продажбата на малечкиот автомобил досега не му донесе голем профит на Daimler. Затоа, за развојот беше потребно да се најде партнер за заеднички развој на идната генерација на Smart и за намалување на производствените трошоци.

[slideshow id=85]

Партнерот е најден веќе подолго време и се вика Renault. Новата платформа врз која што ќе се базира Smart ќе биде приспособлива, односно ќе може да се користи за модели со заден погон, за Smart Fortwo, и со преден погон, во Smart Forfour и Renault Twingo. Прототипите веќе се тестираат, папараците ги имаат првите фотографии. Тоа што може да се насети од овие фотографии е дека идниот Smart ќе има голема предна маска и наназад развлечени предни светла, во хармонија со кусата хауба што ја добива моделот.

Исто како досега, моторот во новиот Smart Fortwo ќе биде вграден над задната оска и на тоа укажуваат страничните отвори за воздух. Како основа за новата генерација на мотори за Smart ќе се користи трициолиндарецот од 0,9 литри на Renault. Во верзија со турбонатполнење ќе бидат на располагање 90 КС, без турбо дваесет КС помалку. Новитет ќе биде и менувачот со двојна спојка од Renault, во замена за полуавтоматскиот менувач.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повторно рекордерот: Со 100 евра од Италија до Скандинавија

Кабриолетот од Range Rover Evoque оди во серија