Првата информација што Јапонците ја објавија за новиот Fit, односно Jazz на европскиот пазар, се однесува на врвната штедливост на хибридната изведба – 2,74 литри на сто километри.
Според Јапонците, една информација говори доволно за квалитетите на автомобилот. Honda Fit Hybrid е најштедлив хибриден автомобил во Јапонија, со потрошувачка од 2,74 литри бензин на 100 километри. Продажбата на новата генерација на Fit, вклучувајќи ја и хибридната изведба на моделот, ќе стартува на јапонскиот пазар во септември, а набрзо потоа и на стариот континент.
Хибридниот Fit е прв модел со едномоторниот хибриден систем што Honda го разви за возилата од ниската класа. Како што укажува и комплицираното име на системот, Sport Hybrid Intelligent Dual Clutch Drive, станува збор за погонски концепт со интелигентна работа на менувачот со двојна спојка, односно за електроника која што преку преносот го држи погонот постојано во оптималното работно подрачје и на тој начин ја постигнува врвната штедливост.
Моторот е комплетно нов и потекнува од новата генерација Earth Dreams, со четири цилиндри и зафатнина од 1,5 литар, со принцип на работа според Еткинсон, односно со висок степен на експанзија, и работи во комбинација со 7-степен менувач со двојна спојка. Директно на менувачот е споен електромоторот, а енергијата доаѓа од литиум јонски батерии. Со систем за сопирање со електрично серво, кој ја зголемува ефикасноста на повратокот на енергијата при сопирање и со целосно електричен компресор кој го намалува оптоварувањето на моторот, Sport Hybrid i-DCD постигнува за 35 проценти поголема штедливост отколку актуелниот систем IMA, користен кај Insight и CR-Z.
Интелигенцијата на хибридниот погон автоматски ги менува трите модуси на возење, активирајќи го моторот и електромоторот во зависност од ситуацијата во возењето. Honda не открива колку изнесува досегот на возење при погон само на струја, ниту пак други технички детали за возилото пред премиерата во септември.