за

Новиот Audi A4 се подготвува за старт во 2014

Новиот Audi A4 доаѓа веќе в година, без поголеми промени во изгледот, со сто килограми помалку и со погон на сите тркала quattro изведен преку хибридната погонска техника.

Освен во стандардните каросериски изведби, новата генерација на моделот од средната класа на Audi за прв пат ќе се нуди и како A4 Vario. Како основа за оваа изведба ќе послужи верзијата на А4 со продолжено меѓуоскино растојание, наменета првенствено за растечкиот кинески пазар и изведена како гран туризмо, односно со поголема комоција за патниците на задната клупа. Лимузината и комбито Avant ќе стартуваат следното лето, купето A5 следува една година подоцна, а кабриолетот е планиран за 2016 година.

Дизајнот во основа останува непроменет, со поостри линии и со впечатлив раб под линијата на прозорците. Задните светла со светлечки диоди повеќе нема да бидат толку развлечени по должината на опашот, кој исто така добива поостри линии и со интегрираните издувни цевки изгледа поспортски. Меѓуоскиното растојание ќе се зголеми за неколку сантиметри, што заедно со порационалното искористување на кабината ќе се погрижи за повеќе простор на сите седишта. Покрај тоа, со напредна лесна конструкција ќе се заштедат до 100 килограми во тежината.

Моторот 1.8 TFSI се заменува со 1,4-литарецот од Golf и Audi A3, кој ќе покрива дијапазон на моќност од 122 до 180 КС и при делумно оптоварување ќе работи само со два цилиндра. Над него ќе се позиционира 2.0 TFSI со 225 и 286 КС, при што посилната верзија ќе го замени трилитарскиот V6. Големиот шестцилиндарец ќе се нуди само во верзијата S4 со 340 КС. Промените кај дизелите се поумерени. Тука ќе стои на располагање 2.0 TDI со 150 и 184 КС, односно со 122 КС во верзијата со оптимирана потрошувачка. Врвот кај дизелите е резервиран за V6-TDI со три литри зафатнина и силина од 218, односно 272 КС.

Од технички аспект интересна најава е хибридот со приклучок за полнење, наречен E-quattro. Audi ја користи технологијата на Q5 hybrid, со електромотор, дволитарски TFSI со 225 КС и осумстепен автоматски менувач. Вториот електромотор работи на задната оска, така што се добива погон на сите тркала без механичка врска меѓу двете оски. Електромоторите ќе имаат вкупна моќност од 100 киловати, односно 136 КС.

Големо внимание во развојот се посветува на мултимедиското поврзување. Централното ракување MMI ќе добие вртлив регулатор со површина чувствителна на допир, која што во новата генерација ќе ги препознава движењата на прстите и ќе дава повратна информација преку вибрирање. Се подготвува и нова генерација на системи за асистенција и безбедносна технологија, вклучувајќи напреден проекциски дисплеј и дигитални дисплеи со можност за програмирање.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Кинескиот Great Wall ќе го претркува Jeep

Колку заработуваат производителите од возило?