за

Нова генерација на Audi TT: Сé е исто и сé е ново

Audi TT во новата генерација е уште подобар спортски автомобил од претходникот. Останаа класичните дизајнерски белези што направија култен автомобил од првата генерација, но затоа има порадикални промени во внатрешноста.

Кај новиот ТТ сé е познато и сé е ново. Третата генерација на спортското купе се препознава како ТТ уште на прв поглед. Во изгледот се задржаа карактеристичната линија на покривот и извлечените крила, но еволуцијата на дизајнот направи новакот да изгледа поспортски. Страничната силуета е пониска, носот е поширок, а погледот во предните светла е уште поагресивен. Четирите хромирани прстени на Audi се преселија од маската врз хаубата, што исто така му дава спортски печат на купето. Остана и препознатливиот капак на резервоарот.

Со 4,18 метри, новиот TT е долг приближно колку стариот. Фактот што купето ја користи модуларната платформа на концернот овозможи меѓуоскиното растојание да се зголеми за 37 милиметри, на 2.505 милиметри. Ширината е 1,83 метар, а висината е иста како кај претходникот, односно 1,35 метар. Гледано одзади, новиот Audi изгледа пошироко, за што меѓу другото придонесуваат ниските диодни светла. Задниот спојлер и натаму се извлекува автоматски од капакот на багажникот над 120 километри на час. Каросеријата и натаму е изработена од комбинација на алуминиум и челик и тежи околу 50 килограми помалку отколку кај претходникот.

Новиот ентериер изгледа елегантно и средено, а заслугата за тоа е во единствениот дисплеј во кокпитот. На дигиталната инструмент табла се прикажуваат речиси сите информации. Возачот може да избере дали на дисплејот од 31 сантиметри ќе се прикажуваат класични инструменти, со брзиномер и бројач на вртежи, или ќе се следат мултимедиски информации. Во вториов модус навигациската карта на пример се прикажува по целата површина, а инструментите се смалени. Со функциите се ракува преку воланот или преку главниот контролер во средишната конзола. Сé е посветено на возачот и возењето, како што доликува на спортски автомобил.

Прекинувачите за климата, за грејачите во седиштата и за местење на температурата се поставени директно на отворите за воздух што се во форма на турбина. Нови се и спортските седишта со цврсти контури и интегрирани потпирачи за глава. Седиштата се поставени пониско отколку кај претходникот. Багажникот располага со 305 литри, односно 13 литри повеќе од порано.

Под хаубата работи позната техника. Дволитарскиот бензинец со 230 КС, познат од Golf GTI, во купето забрзува за шест секунди до сто, што е за половина секунда подобро отколку во Golf, а крајната брзина е 250 km/h. Од спортските модели на Golf потекнува и дволитарскиот дизел со 184 КС, познат од Golf GTD, со кого што Audi забрзува за 7,2 секунди и вози до 235 km/h.

Посилната изведба на дволитарскиот турбо бензинец се вградува во TTS и таму постигнува 310 КС, што е доволно за 4,7 секунди до сто. Опционално се испорачува и „контрола за лансирање“ за максимално забрзување од место. Преку клапните во издувниот уред може да се влијае и врз спортскиот звук од моторот.

Инженерите на Audi повторно ја покажуваат својата мајсторија преку погонот quattro. Во Audi TT се користи нов софтвер за распределба на вртежниот момент меѓу двете оски, со цел да се постигне поголема динамика во возењето. Возачот може и самостојно да влијае врз работата на погонот на сите тркала, преку автоматски и динамичен модус, при што во вториов се става повеќе акцент на погонот на задната оска. Покрај тоа, може да се избираат и три степени на работа на амортизерите, односно комфорен, автоматски и динамичен степен.

Премиерата на новиот TT е на 6-ти март, на салонот во Женева, а продажбата ќе стартува кон крајот на годината.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Seat Leon Cupra: Шпанскиот GTI го има рекордот на Нирбургринг

Maserati Alfieri Concept за стогодишнината на марката