Најчеста критика кај моделите на Opel досега беше непрегледното ракување со копчињата во средишната конзола. Затоа, новото моделско годиште на Insignia нуди комплетна револуција.
На марката со молња во маската можеме да ѝ благодариме за тоа што технологијата од скапите марки ја прави достапна во возилата од поевтините сегменти. Тоа што го умее Audi A8, отсега ќе биде доблест и на преработеното моделско годиште на Opel Insignia – ракување преку поле што реагира на допир и ја препознава гестикулацијата со прстите.
Новата генерација на системите што веќе свикнавме да ги нарекуваме „инфотејнмент“ е дел од семејството Intelli-Link, кое што имаше премиера во Opel Adam и чија што главна способност е интегрирање на функциите на паметните телефони во возилото. Во Insignia може да се избира меѓу четири видови на ракување. Новиот систем Navi 900 Europa нуди ракување преку средишен дисплеј од осум инчи што реагира на допир. Возачот може да се движи низ менито на дисплејот преку копчињата на воланот, преку говорна команда или преку полето на допир и на тој начин да избира радио станица, да пребарува во музичката збирка, да се поврзе со мобилниот телефон или да ја повика навигациската карта.
Системот е единствен по можностите за приспособување, односно може да се меморираат до 60 фаворити по личен вкус и по потреба. Додека порано меѓу фаворитите можеше да се меморира само радио станица, сега истото може да се направи и со навигацијата, со телефонот и со мултимедиските записи. На тој начин, најслушаната радио станица се прикажува на дисплејот заедно со најважните телефонски броеви, а со еден потег се доспева и до меморираната адреса за навигацијата.
[slideshow id=87]
Врв е полето на допир што е поставено во средишната конзола. Тоа ги препознава буквите што ќе се испишат со прстите и реагира различно според гестикулацијата. Движењето на курсорот се врши со еден прст, а за избирање на опцијата е доволно само кратко да се притисне полето – исто како кај лаптоп. Ако низ полето се помине со два прста, тоа значи избор на изворот на звук, а со три прста се отвора списокот со фаворити. Со истите гестови може да се зумира навигациската карта, исто како кај мобилен телефон. Со исцртување букви со прстот се појавуваат песните или авторите што почнуваат на буквата, односно адресата за навигација.
Новитет претставува и дисплејот со големина од осум инчи што е вграден во инструментите, на кого покрај класичните функции, како брзина, број на вртежи и гориво во резервоарот директно во видното поле се прикажуваат избраните детали за навигацијата, за мобилниот телефон или за музичката збирка.