за

Никој хибрид не вози на батерии побрзо од Porsche

Кога Porsche вози на батерии, го прави тоа брзо. Досега немало хибрид кој на батерии вози 135 km/h. Panamera S E-Hybrid вози. За ова задоволство на брзо штедење е потребен само еден услов: 110.000 евра.

Спортската марка воведува револуција во светот на брзите и моќните суперавтомобили – со еколошки ориентиран модел. Panamera S E-Hybrid е првиот модел во луксузниот сегмент кој на батерии може да вози до 36 километри, а притоа е уште и најбрз во тоа, со 135 километри на час. Не постои хибрид кој на батерии вози побрзо од тоа. При комбиниран погон на струја и бензин, Panamera троши 3,1 литри на сто километри.

Со комбинацијата од електромотор и со бензински V6 со турбонатполнење, хибридната Panamera постигнува крајна брзина од 270 km/h. Заедничката моќност на обата погона изнесува 416 КС, а вртежниот момент е 590 њутнметри при 1.250 вртежи. Забрзувањето до сто трае само 5,5 секунди. Енергијата се чува во литиум јонски батерии кои со 9,4 киловатчасови имаат петпати поголема електрична моќност од никел метал хидридните батерии во обичната хибридна Panamera.

Преку копчето покрај рачката на менувачот може да се активира модус на полнење. Тој се препорачува кога се вози по автопат и потоа следува куса тура низ градот, која што возачот сака да ја мине на батерии. За еден час возење на автопат батериите се полнат до 80 проценти. наспроти тоа, енергијата во батериите во спорскиот модус се користи за дополнително повлекување, кога педалот за гас ќе се притисне до 80 проценти. Третиот погонски модус е т.н. едрење: Кога возачот ќе го отпушти педалот за гас, моторот се гасне, а инерцијата се користи за полнење на батериите. Истото се случува и при секое сопирање.

Инженерите на Porsche веќе работат на усовршување на хибридниот погон. Во следната фаза на развој, електричниот погон ќе ослободува 95 киловати, односно 129 КС. За да се постигнат овие вредности прво треба да се осмисли нов систем за ладење. Планот е со комбинација од воздушно и водено ладење да се постигне подобра клима за погонот.

Неколку детали ја разликуваат Panamera S E-Hybrid од другите модели во семејството. Инструментите имаат светлозелени стрелки, а дополнителен дисплеј го прикажува тековниот енергетски проток и наполнетоста на батериите.

Нивното полнење се врши преку полнач кој се добива заедно со возилото и се поставува во гаража. Батериите се полнат на стандарден прикучок за струја за 2,3 часа.

[nggallery id=56]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Кросоверот на Peugeot почнува од 15.000 евра во Франција

Њујоршката филхармонија свиреше на делови од Volkswagen