за ,

Не мора секогаш да биде теренец: Комби-модели со погон на сите тркала

Светот лудува по теренци што не се теренци и никогаш не излегуваат од асфалтот. Кога не мора да се робува на модата и може да се избира рационално, секогаш се тука комби-моделите од средната класа со погон на сите тркала.

Во еуфоријата од напливот на спортски теренци во сите класи и големини потешко е да се забележи дека една друга сорта возила во меѓувреме претрпе промени. Погонот на сите тркала веќе одамна не е резервиран само за теренските возила. Но, оваа техника што обезбедува сигурна тракција во сите услови на патот, веќе одамна не е привилегија и на моделите од средната класа од премиум марките.

До скоро, купувачите што бараат практично и функционално комби од средната класа, можеа да го добијат погонот на сите тркала само во моделите со ознаки Quattro, 4Matic или xDrive, односно само кај скапите, премиум марки. Тука е промената. За оваа комбинација повеќе не мора да се плаќа скапото лого на BMW, Mercedes, Volvo или Audi, туку работата можат сосема добро да ја завршат и народските марки.

Skoda Superb Combi
Skoda Superb Combi

Како и вообичаено, најевтината понуда е кај чешката марка на концернот Volkswagen. Новиот Skoda Superb го привлекува вниманието и без цената испишана на ветробранското стакло. Знаменосецот на Skoda изгледа добро и вози исто толку добро. Комби-изведбата од техничкиот близнак на Volkswagen Passat не е исклучок. Доплатата во однос на лимузината, или поточно комбилимузината, изнесува 950 евра. Според тоа, најдостапната изведба на Superb Combi со погон на сите тркала, со дволитарски дизел со 150 КС и со второто ниво на опрема Ambition чини 28.760 евра. Ниту опремата не е за фрлање: Биксенонски светла, тризонска автоматска клима, радио со поврзување со паметен телефон, сензори за паркирање и алу-бандажи се само дел од тоа што го нуди големото чешко комби. Премиум марките за истата услуга бараат најмалку 10.000 евра повеќе. Истото важи и за теренците од средната класа.

Mazda 6 Wagon
Mazda 6 Wagon

Спортските возачи секако дека попрво ќе се решат за динамично комби, отколку за гломазен теренец. Тука цели Mazda, којашто има сериозни планови да се позиционира како премиум марка и на добар пат е да успее во тоа, но цените уште се во рамките на нормалата. Динамичната и агресивна форма на каросеријата внесува голема самоувереност во настапот на јапонското комби. Дека овие најави во изгледот на Mazda 6 не се напразни, докажуваат нејзините возни својства. Во меѓувреме, Mazda се поправи и во техниката и нуди неколку напредни решенија, наспроти периодот до пред само неколку години, кога техниката заостануваше зад конкуренцијата. По фејслифтот, комбито од Mazda 6 е достапно и во изведба со погон на сите тркала. Јапонската марка нуди две опции, обете со 2,2-литарскиот дизел. Првата е со моќност од 150 КС и чини 34.980 евра, во солидното ниво Revolution, додека втората доаѓа со 175 КС, со врвно ниво Ultimate и соодветно на тоа со цена од 40.980 евра – вклучувајќи и автоматски менувач.

subaru levorg 0349860-3461357
Subaru Levorg

Некои модели, пак, едноставно се создадени да бидат големо комби со погон на сите тркала. Subaru Levorg, на пример. Наследникот на Legacy сака да биде повеќе од „избор за познавачи“, односно сака да биде избор за многу повеќе познавачи отколку неговиот претходник – или да ги направи познавачите да бидат повеќе горди на тоа што го знаат. Levorg доби агресивен изглед, повеќе грижа околу изборот на материјалите во кабината, нови системи за асистенција, но го задржа највредното: Боксер моторите и погонот на сите тркала што навистина функционира, место да биде само амблем на капакот на багажникот. Кога другите марки ги нудеа своите комби-модели како транспортери за занаетчии, Subaru имаше нешто поразлично: Семејно комби со возачки квалитети на спортско купе и проодност на теренско возило. Покрај тоа, издржливоста на техниката на Subaru е легендарна. Најдоброто е сепак тоа што Subaru и натаму ќе остане марка за познавачи и нема да им ги загрози бројките на производителите што се ненаситни за големи продажби. Дотолку подобро. Цената за моделот што е достапен само со 1,6-литарски турбобензинец со 170 КС изнесува 33.490 евра.

Peugeot 508 RXH Hybrid
Peugeot 508 RXH Hybrid

Постои уште еден автомобил од оваа сорта кој е исто така мошне интересен, а изненадувањето е во тоа што доаѓа од марката која долго време нема изненадено. Peugeot 508 RXH Hybrid има неподносливо неинспиративна ознака, поскап е од повеќето теренци, неразумно е преопремен и непотребно силен, но е генијален. Ова комби располага со хибриден погон, во комбинација од дизел со 163 КС за предните тркала и електромотор со 37 КС за задните тркала. Погон на сите тркала без кардан, само со кабел. На тоа се надоврзуваат уште неколку интелигентни системи, растојание од подлогата зголемено за 5 сантиметри и потрошувачка од 4,6 литри дизел на сто километри. Успехот на дизел-хибридот не се покажа толку спектакуларен како што се надеваше Peugeot, но овој автомобил е шанса да се поседува погонски концепт кој допрва ќе почне да се практикува пошироко во браншата – со исклучок на дизел-хибридот.

Volkswagen Passat Variant
Volkswagen Passat Variant

Следен во изборот на комби модели со погон на сите тркала е класичарот Volkswagen Passat Variant, кој може да биде разумен избор, во верзијата 2.0 TDI 4Motion Comfortline со цена од 33.720 евра, но може да биде и луксузно моторизирана и опремена возна машина, во топ-изведбата 2.0 TDI Biturbo со 240 КС, менувач со двојна спојка, ниво на опрема Highline – и со цена од 45.497 евра. Во вториов случај, Passat веќе влегува во ценовните рамки на премиум сегментот. Со малку козметика и неколку промени во подвозјето, Passat Variant станува Passat Alltrack, а Volkswagen за тоа ќе наплати уште неколку илјади евра.

Ford Mondeo Turnier
Ford Mondeo Turnier

Од скоро и Ford се приклучи во друштвото на комби-модели со погон на сите тркала. Mondeo Turnier е достапен за 34.790 евра во верзијата со дволитарски дизел со 150 КС, односно за 38.290 евра во верзијата на 2.0 TDCi со 180 КС и менувач со двојна спојка. Обата модела се во највисокото „стандардно“ ниво на опрема Titanium – стандардно, затоа што Ford разви посебна линија на модели и услуги, коишто ги нуди под амблемот Vignale. Во тој случај, Mondeo Turnier се претвора во луксузно комби, коешто е на прагот на премиум сегментот, исто како и најскапите изведби од Passat Variant.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Стартуваше производството на Ford Focus RS

toyota hybrid

Секоја четврта Toyota во Европа вози со хибриден погон