Продажбата на Peugeot 208 GTi стартува за кусо. За одбележување на стартот, Французите изработија специјална серија ограничена на 50 примероци.
Тој е малечок, симпатичен и дотеран е со вкус, сé е како што се очекува од вистински претставник на малечките автомобили со голема моќ. Под хаубата работи 1,6-литарскиот турбо мотор, ист каков што има и купето RCZ, развиен во соработка со BMW. Со 200 КС, моторот е на горната граница на моќност што се нуди во оваа класа. Додека Volkswagen Polo GTI и неговите браќа од концернот остануваат на 180 КС, Peugeot додава уште 20 КС. Со тоа, 208 GTi е на ниво со Mini Cooper JCW. Opel Corsa OPC, Renault Clio RS и Citroen DS3 Racing.

Подвозјето, управувањето, сопирачките и амортизацијата на овој малечок пакет набиен со моќ се преработени во споредба со цивилните модели во гамата и приспособени се на спортските амбиции на GTi. За визуелниот настап да биде уште поубедлив, најдинамичниот 208 вози со бандажи од 17 инчи, предните и задните сопирачки клешти се бојадисани во црвено, предната маска има мустра како шаховска табла, и на крајот, задолжителната ознака GTi e ставена на задниот капак и зад страничните прозорци.
Хромирана издувна цевка, во двојна изведба, секако не смее да недостига, исто како и проширени крила. Спортскиот акцент во внатрешноста го поставуваат педалите и праговите од алуминиум, долу зарамнетиот волан со лого GTi, осветлувањето на инструментите со диоди и црвените штепови на рачката на менувачот и на безбедносните ремени.
За спринтот до 100 километри на час, фабриката декларира 6,8 секунди, што е податок за почит. Ништо помалку убедлива не е и вредноста на крајната брзина од 230 километри на час. Околу вредноста на потрошувачката од 5,9 литри нема што да се дискутира, 208 GTi е сепак машина за уживање во динамично возење и бројката за потрошувачката повеќе има ориентациски карактер.
Вообичаено е опременоста на малечките тркачи да биде врвна. Љубителите на оваа сорта возила сигурно не би се побуниле ако Peugeot им понуди модел со посиромашна опрема и по пониска цена, но тоа е политиката на целата бранша, да се заработи повеќе таму каде што има простор за тоа. Основа е врвното ниво на опрема Allure, кое што вклучува двозонска автоматска клима, темпомат, монитор од 7 инчи кој реагира на допир, паркинг сензори, собирање на ретровизори и греење на предните седишта.
Секако дека може да се продолжи и во листата на дополнителна опрема. Со доплата се добиваат налепници за покривот и хаубата, специјални металик бои, навигациски систем или систем за автоматски паркирање. Колку ќе се има време и концентрација, при ловењето свијоци да се ѕирка надворешниот свет преку опционалниот панорамски покрив, прашање е на личен избор.
Серија од само 50 примероци за стартот на 208 GTi
Пристигнувањето на GTi во гамата на Peugeot отсекогаш се одбележувало на посебен начин. Во таа чест, Французите изработија серија ограничена на 50 примероци. Каросеријата е во бисерна боја, бандажите се од 17 инчи со специјална изработка, на маската е поставено француското знаме. Во опремата е вклучена навигација и врвно озвучување, а секако, во кокпитот е закачена плочката со серискиот број на возилото.
[nggallery id=11]