Според податоците на познатото здружение за технички преглед TUV, овие десет модели имаат најмал процент на дефекти во класата на малечките возила.
На пазарот на користени возила има голем избор на модели од градската класа стари меѓу шест и десет години, кои чинат помалку од пет илјади евра. Но, некои модели во класата сепак се подобар избор од другите. Тоа најдобро се покажува во прецизната евиденција што ја води познатото германско здружение за технички преглед TUV. Според здружението, овие десет модели се најдобар избор во класата на малечките, стари повеќе од седум години.
10-то место за Renault Clio: Третата генерација на Clio, произведувана од 2003 до 2015 година, според индексот на дефекти при технички преглед од 21,5 е подобра од Volkswagen Polo и Opel Corsa, но сеуште заостанува зад просекот во класата на возила стари до седум години.
9-то место за Hyundai Getz: Корејското автомобилче со невпечатлив изглед нема проблеми со техниката. Единствена слаба точка е спојката, која што треба почесто да се дотерува во годините на производство од 2002 до 2009 година, додека кај постарите модели рано се трошат лежиштата на тркалата.
8-мо место за Audi A2: Малечкиот Audi со каросерија од алуминиум се прослави дури како користено возило – малкумина се интересираа за него кога беше нов. Со индексот на дефекти од 18,3, моделот што се произведуваше од 2000 до 2005 година е солиден, а моторите се штедливи. Кај еко-верзијата 3L TDI сепак треба да се внимава при купувањето.
6-то место за Mitsubishi Colt: Моделот развиен на иста платформа со Smart Forfour и произведуван од 2004 година, се одликува со низок индекс на дефекти од 17,7, што укажува на издржлива техника. При изборот треба да се погледнат долните рабови во вратите, каде што е можна појава на корозија.
6-то место за Ford Fiesta: Со моделот од генерацијата JH1/JD3, произведувана од 2001 до 2008 година, Ford го поврати реномето на производител на квалитетни возила. Каросеријата е отпорна на корозија, бензинците издржуваат многу долго. Само 17,7 проценти од возилата на технички преглед во TUV покажале дефекти.
5-то место за Citroën C1: Француската марка не е позната по издржливоста, но C1 е исклучок – веројатно благодарение на заедничкиот развој на моделот со Toyota. Малечкиот Citroen е идентичен со Toyota Aygo. Квотата на дефекти изнесува 17,6 проценти. Слабости се протекувањето од пумпата за вода и слабите заптивки во вратите, а кај постарите модели корозија на преклопите.
4-то место за Opel Agila: Кутиестата Opel Agila од генерацијата 2000-2007 е базирана на јапонскиот Suzuki Wagon R+ и се произведуваше во Полска. Микрованот ретко предизвикува проблеми, според индексот на дефекти од 16,7.
3-то место за Honda Jazz: Моделот произведуван во периодот од 2002 до 2008 година се вбројува меѓу најиздржливите модели во класата на малечките и се одликува со исклучително приспособлива кабина. Само 15,5 проценти од возилата стари над седум години покажале дефекти при техничкиот преглед. Верзиите со менувач CVT не се препорачливи.
2-то место за Toyota Yaris: Животот со првата генерација на Yaris (1999-2005) е едноставен: Наполни гориво, вози, смени масло во моторот. Квотата на дефекти изнесува примерни 13,9 проценти. Слабости се спојката, која честопати се троши предвреме, како и протекувањето масло од куќиштето на управувањето.
1-то место за Mazda2: Малечката Mazda (2003-2007) е евтина, издржлива и практична. Јапонскиот автомобил постигна голем успех со овие квалитети. Само 12,1 проценти од возилата на технички преглед во TUV покажале дефекти, со што Mazda2 е најиздржлив модел во класата на малечките стари над седум години.
Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.