Неописливо грдиот Youabian Puma се најде во оглас на интернет-берза за луксузни работи. Тоа што е уште позастрашувачко е цената што сопственикот ја бара да се ослободи од овој кабрио-родстер-теренец.
Постојат неколку причини зошто некој би се решил да купи Youabian Puma. Првата е тоа што никој друг не поседува таков автомобил, а втората е тесно поврзана со првата. Погрд автомобил од овој не постои. Монструмското нешто, претставено пред две години на салонот во Лос Анџелес, деновиве се појави на оглас на луксузната интернет-берза James Edition. Потребно е само уште да се најде соодветен купувач што ќе го преживее изгледот на оваа бесмислица на тркала. Мал проблем може да биде и цената. Продавачот очекува да добие 895.000 долари! Очигледно, проблемот не е само во автомобилот, туку и во сопственикот – освен ако огласов не е обид на производителот да се реши од естетската напаст.
„Дизајнерот“ замислил автомобилов да изгледа како пума, но од неговиот труд испадна само нешто што наликува на златна рипка на валиум. На сето тоа, Youabian поседува и метален преклоплив покрив, задни светла што изгледаат како да се најдени на отпад и странични издувни цевки како кај спортски автомобил. Единствено што вреди во Youabian е моторот и веројатно цената за него е реалната вредност на возилово. Станува збор за осумцилиндарец од Chevrolet Corvette со зафатнина од 7,0 литри и моќност од 505 КС. Моторот можеби е моќен, но во секој случај треба да се справи со тежината од над три тони. Според производителот, забрзувањето до сто трае околу седум секунди, а потрошувачката на отворено изнесува 15,7 литри.
Сопственикот на оваа Puma знае со што се соочува и се труди понудата да ја направи неодолива, со приказна толку далечна од реалноста, што на човек му доаѓа да врисне од бес: „Youabian Puma е автомобил за индивидуалисти кои веќе го поседувале секој суперспортски автомобил и сега сакаат нешто што изгледа уникатно и многумина не можат да си го дозволат.“
Најдобро ќе биде Youabian Puma да замине таму каде што и е вистинското место. Во гаражата на некој богат шеик со „уникатна“ смисла за убаво и вредно, каде што никој повеќе нема да го види.