Зимските гуми се само за снег? Доволни се две гуми за предните тркала? Околу зимските гуми владеат голем број погрешни верувања.
За монтирање на зимските гуми не треба да се чека првиот снег. Тие се во предност пред летните гуми и на суво, кога температурата ќе се спушти под плус седум степени Целзиусови. И покрај тоа, околу гумите за зима се вкоренети многубројни заблуди и полувистини.
1. Подобрите гуми треба да се монтираат напред
Погрешно. Заради поголема безбедност во возењето, поквалитетните гуми или гумите со подлабок профил треба да се монтираат на задните тркала. На тој начин се постигнува подобро држење на задната оска и се избегнува извртување на возилото при опасни маневри.
2. Треба да се почека првиот снег за зимските гуми да се монтираат на возилото
Погрешно. Зимските гуми треба да се монтираат уште пред првите снегови, односно кога температурите ќе се спуштат под +7 степени Целзиусови. Овие гуми имаат поголема содржина на силика, што им обезбедува и поголема еластичност при ниски температури, на кои што летните гуми се скрутуваат и се трошат побрзо. Секако дека со зголемувањето на крутоста се влошуваат и возните својства, особено сопирањето.
3. Гумите за сите сезони се најсоодветни за нашата клима
Погрешно. Според тестирањата, гумите за сите сезони се компромисно решение. Тие не ги поседуваат потребните својства ниту во лето, ниту во зима. Покрај тоа, овие гуми за цела година имаат поизразено абење и предизвикуваат зголемена потрошувачка на гориво.
4. Најскапите гуми се најдобри
Погрешно. На тестовите повеќе пати се докажало дека изборот треба да се сведе на резултатите од тестирањето, како и на индивидуалните барања на возачот, а не врз основа на цената. Се препорачува пред купувањето на препорачаните пневматици да се побараат повеќе продавници и да се спореди понудата.
5. Зимските гуми се корисни само на снег
Погрешно. Зимските гуми нудат поголема безбедност во споредба со летните при влажен пат, ниски температури и мраз. На лизгав или замрзнат пат тие имаат поголемо држење отколку летните гуми.
6. Доволни се две гуми за предната оска
Погрешно. Гумите на задната оска се многу поважни од предните, затоа што обезбедуваат поголема стабилност.
7. Сите четири гуми може да имаат различен профил
Погрешно. Важно е барем на иста оска да се монтираат гуми од истата марка и димензија, и со иста истрошеност и профил. Покрај тоа, при нееднаква истрошеност на гумите се оневозможува правилната работа на системот за контрола на стабилноста.
8. Зимските гуми треба да се извозат во лето
Погрешно. Зимските гуми имаат различен состав од летните и се несоодветни за нашите метеоролошки услови во лето. Според тестирањата, патот на сопирање со зимски гуми при летна температура и сув пат, од брзина од 100 километри на час се продолжува за 20 проценти во споредба со летните гуми.