за ,

Најава за идниот S-Max: Овој Ford го повикува докторот

Кога Ford го претстави S-Max, светот дозна дека вановите не морало да бидат грди. Наскоро ќе пристигне новата генерација на големиот и динамичен ван, со нов изглед и со нови технологии.

До пред неколку години вановите важеа како практични, но крајно грди возила. Тие нудеа простор и за патниците и за багажот, но имаа сексапил на волнени ѕиври. Со Ford S-Max, кој во 2006 година го замени големиот семеен ван Galaxy, светот научи да ги гледа вановите со поинакви очи. За десетина денови следува светската премиера на концептниот автомобил со кого што Ford ги најавува изгледот и техниката на новата генерација на S-Max.

Ford-S-MAX-Concept_Revealing_04

Нов панорамски ветробран

Стилските промени го прикажуваат S-Max во целосно ново светло. Долната маска што потсеќаше на зината риба е заменета со тесен отвор за воздух, а горната маска е поголема. На тој начин се постигнува поостар поглед, кој подобро се вклопува со поелегантната фигура на концептниот автомобил. Интересна е формата на предното стакло, кое што без видлив спој преоѓа во панорамскиот покрив. Тенките предни светла со органски светлечки диоди (OLED) им отвораат на техничарите нови можности во поглед на брзината на реакција и бојата на светлото.

Ford_S-MAX_Concept_40

Безжична мрежа во кабината

За пријатно чувство во кабината се грижат благородни материјали, како мека телешка кожа и украсни елементи со изглед на карбон. Големо внимание се посветува на умрежувањето и мултимедијата. Системот Ford Sync овозможува безжично поврзување на интернет, а патниците на задната клупа можат да користат докинг станица за нивниот таблет. Преку системот наречен Sync AppLink, апликациите на паметните телефони може да се контролираат преку говорна команда.

Ford_S-MAX_Concept_46

Седиште со ЕКГ и мерење на ниво на шеќер

Новитет е таканареченото седиште ЕКГ со контрола на пулсот. Преку вградените сензори, седиштето ја следи работата на срцето на возачот и ги снима податоците за подоцнежна медицинска анализа. Ако системот препознае аномалија, возачот добива предупредување, а при итен случај, системот може дури и да повика брза помош преку системот Ford Sync. Во истиот момент се активираат безбедносните системи со цел да се спречи незгода во возењето. Со Ford Sync може да се поврзат и системи за контрола на шеќерот во крвта, кои функционираат на истиот начин.

S-Max комуницира со другите автомобили

Преку иновативните технологии Car-to-Car, S-Max комуницира со другите возила, под предуслов во нив да е вграден истиот систем, разменувајќи податоци за застој на патот или за возило што стои во дефект на патот. Системот за предупредување при опасност од судир исто така еволуираше и сега препознава кога пешак преминува улица, автоматски запирајќи го возилото ако возачот не реагира навреме.

Ford_S-MAX_Concept_41

Новиот систем за автоматско паркирање сега овозможува помош за возачот кога големиот ван треба да се паркира попречно. Доколку возилото е опремено со автоматски менувач, системот автоматски ги менува и степените на пренос, односно префрлува во рикверц, и дополнително го врти воланот, истовремено предупредувајќи го возачот ако наидува возило отстрана. Во кокпитот е вграден дисплеј Dual-View, кој што прикажува различно за страната на возачот и за страната на совозачот, на пример навигациска карта за возачот, а филм за совозачот.

Средното седиште потонува во подот

На задната клупа не недостигаат креативни идеи. Тенките седишта во третиот ред се соборуваат и исправаат со еден потег, додека специјалната конструкција на седиштата во вториот ред го олеснува пристапот до последниот ред. Притоа, средното седиште потонува во подот на возилото.

Ford_S-MAX_Concept_29

Нов 1,5-литарски EcoBoost

Под хаубата на концептниот автомобил работи нов 1,5-литарски мотор од генерацијата EcoBoost, со директно впрскување на бензинот, турбонатполнење и варијабилна работа на обете брегасти вратила. Исто како и помалиот и наградуван еднолитарски Ecoboost, поголемиот мотор овозможува спој на високи перформанси и ниска потрошувачка.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Фејслифт на Dacia Duster за салонот во Франкфурт

Opel ќе прикаже дури седум премиери во Франкфурт