Со постојано воведување на специјални моделски серии, Lamborghini го одржува во живот Gallardo. Но, тоа не може да продолжи до бескрај. По десет години е време за наследник.
Со името Cabrera за новиот модел што ќе го наследи Gallardo, Lamborghini ја продолжува традицијата да ги именува своите модели по бикови – Кабрера е една од петте главни сорти на бикови. Извесно е дека Cabrera ќе се нуди во моделски изведби со заден погон и со погон на сите тркала, како и во отворената каросериска изведба Spyder. Шасијата е комбинирана од алуминиум и карбон, при што е поголем уделот на поскапиот карбон, заради заштеда во тежината. Изгледот се раководи според стилот на концептните возила Veneno и Sesto Elemento.
Извесно е и тоа дека Lamborghini Cabrera ќе биде основа за следната генерација на Audi R8. Актуелниот десетцилиндарец во V со зафатнина од 5,2 литри ќе ослободува моќност од околу 600 КС, со што ќе се намали големиот заостаток во однос на знаменосецот Aventador. Не е исклучено во задниот дел да се користи и четирилитарскиот V8 од Audi, кој во моделот RS 6 постигнува 560 КС. Дебито на моделот се очекува на салонот во Женева во следната пролет.