Менаџер од McDonalds ќе ја предводи дигитализацијата во Volvo

Главниот информатички експерт од McDonalds пристига во Volvo да работи на апликации за потрошувачи, како и на софтвер за поддршка на производите и услугите на шведската компанија. Купувањето на моделите на Volvo, возењето, слушањето музика и користењето апликации во кокпитот, сето тоа во иднина ќе функционира според замислата на Атиф Рафик, ветеран од Силиконската долина.

Атиф Рафик, ветеран од Силиконската долина, кој својата кариера ја има поминато на менаџерски позиции во водечките компании за технологија во светот, меѓу кои Amazon, Yahoo и AOL, соосновач на старт-ап проект, инвеститор и член на одбор во над 10 други старт-ап проекти, од 2-ри јануари следната година ќе биде задолжен за целосното преоѓање на Volvo во дигиталниот свет на услуги.

Овој 43-годишен експерт пристига во Volvo од позицијата на менаџер за дигитализација во McDonalds, кадешто поаѓајќи од нулта точка има развиено и воведено многубројни услуги за потрошувачите, користејќи напредни технолошки решенија – на глобално ниво.

„Одново да се осмисли начинот на купување и користење на автомобилот“

За што точно ќе биде задолжен Рафик во Volvo, најдобро знае претседателот на компанијата, Хакан Самуелсон: „Автомобилската индустрија се менува рапидно. Тоа значи дека и Volvo мора да се менува рапидно. Како дел од тоа е потребно одново да се осмисли начинот како луѓето купуваат автомобил од Volvo и како ќе го користат откако ќе го купат. Атиф има најдобри квалификации да го забрза развојот во ова подрачје.“

Швеѓаните в година ќе стартуваат со најголемиот експеримент со автономно возење во светот, наречен Drive Me, во когошто 100 семејства ќе ја користат автономната технологија на Volvo во реален сообраќај по патиштата околу Гетеборг. Овие искуства ќе се користат при развојот на автономната технологија за сериските возила на марката.

Volvo ќе испорача милион возила со електрифицирана погонска спрега до 2025

Volvo најави и основање компанија којашто ќе развива софтвер за автономно возење, достапен за останатите производители, а започна и соработка со американскиот Uber, за заеднички развој на основа за возило со автономна технологија. До 2025 година, компанијата планира да испорача 1 милион возила со електричен и плагин-хибриден погон.

Досега се реализирани неколку услуги, како испорака на пратки директно во возилото, апликација Volvo On Call, примена на мобилен телефон како клуч за возилото и целосна интеграција на Apple Carplay. Трите технологии – автономното возење, електрификацијата на погонската спрега и конективноста – имаат бројни заеднички точки. Задача на Рафик ќе биде да ги координира и оптимизира сите овие развојни процеси во компанијата.

Претходна објаваЕлектричниот Renault Zoe вози 400 километри со едно полнење
Следна објаваPeugeot ќе произведува пикапи во Тунис

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here