Илон Маск, шефот на Tesla Motors, во следните две години планира да изгради фабрика за неговите електрични автомобили во Кина. Според Маск, Кинезите уште стравуваат од потешкотии при полнењето на батериите.
Калифорнискиот специјалист за електрични автомобили Tesla размислува за отворање фабрика во Кина во следните две години. Тоа го изјави шефот Илон Маск за време на неговата посета на Универзитетот Чингуа. Локалното производство на автомобилите на Tesla во Кина би ја намалило нивната цена за една третина. Уште е рано за детали околу локацијата на фабриката и за локалниот кооперациски партнер, когошто го пропишуваат законите во земјата.
Наспроти останатите региони, Tesla постигнува слаба продажба во Кина. Според Маск, причината е во тоа што Кинезите стравуваат од потешкотии при полнењето на батериите на возилото. Владата во Кина планира да ја забрза изградбата на мрежа од станици за полнење за електрични автомобили. Државата моментно одобрува субвенции за електричните автомобили, со цел да ја намали загаденоста на воздухот. Покрај тоа, Кина смета дека домашните производители на автомобили можат да постигнат поголема конкурентност со електричните автомобили наспроти странските производители.