Актуелната генерација на Polo е вистински погодок. До претставувањето на новиот Polo во 2015 година преостанува само уште еден мал фејслифт. Но, има и интересни новитети под хаубата.
За една година пристигнува комплетно ново Polo од шестата генерација. За кусиот период до генерациската замена, малечкиот модел на Volkswagen ќе добие мало затегнување на брчките. Промените во изгледот се незначителни и се забележуваат дури на втор поглед. Нова е формата на предниот браник, а одзади промените исто така се однесуваат првенствено на изгледот на браникот. Делот од браникот под задната регистерска табличка е изведен во спортски стил со додаток во црна боја, со цел визуелно да се рашири каросеријата. Од двете страни на додатокот има по еден рефлектор. Отстрана новакот ќе се распознава само по дизајнот на бандажите.
Повеќе промени се случуваат под хаубата. Четирицилиндарскиот TSI од 1,2 литар ќе биде заменет со нов 1,0-литарски трицилиндарец во верзии со 90 и 110 КС, односно со пет коњски сили повеќе од претходникот. Конкуренцијата веќе нуди трицилиндарци со турбонатполнење, на пример Renault и Ford, а наскоро и Opel ќе почне да го вградува трицилиндарскиот турбо во Corsa. Во кокпитот следува нов волан со дизајн по пример на Golf, а полињата за ракување со климата и радиото се поставени со алуминиумски панел.