Непознат купувач стана сопственик на „сребрената стрела“ на петкратниот шамион во формула 1 Хуан Мануел Фанџо. Mercedes W 196 се продаде за 20,2 милиони евра, но рекордот сепак не е соборен.
Овие две имиња значат многу за љубителите на формула 1: Хуан Мануел Фанџо и Mercedes W 196. Аргентинскиот тркач освои дури пет шампионски титули во формула 1 со болидите на Mercedes, кои се познати како „Сребрените стрели“.
Аукциската куќа Бонамс одржа наддавање за болидот на Mercedes во рамките на Фестивалот на брзината во англискиот Гудвуд, кој се одржува викендов. Експертите сметаа дека овој болид ќе постигне рекордна цена, но тоа не се случи. Непознатиот купувач сепак плати многу за W 196, дури 20,2 милиони евра.
Рекордот на најскап автомобил во светот моментно го држи Ferrari 250 GTO. Италијанците произведоа само 36 примероци од спортскиот автомобил, а еден од нив во почетокот на оваа година се продаде за 28,5 милиони евра.