Прекумерните капацитети во европските фабрики за автомобили ќе бидат проблем најмалку уште три години.
Повеќе производители на автомобили планираат затворање на фабриките со цел производствените капацитети да се приспособат на рапидниот пад во продажбата на возила. Некои производители го префрлуваат производството, Renault-Nissan на пример, ќе го префрли производството на Nissan Micra од Индија во Франција, иако таму се значително повисоки трошоците за производство. Audi веќе со години го произведува Q3 во матичната фабрика на Seat во Марторел.
Во првиот квартал од годинава, повеќе од половината од 160 фабрики за возила во Европа работеле со помалку од 70 проценти од капацитетот. Во истиот период, 85 фабрики работеле со 70 само проценти или помалку, додека во истиот период лани само 74 фабрики произведувале на толку ниско ниво. Границата на профитабилост се наоѓа меѓу 75 и 80 проценти.
Според овие податоци, проблемот со фабриките во Европа е подлабок отколку што се веруваше. Не се работи само за затворање на две фабрики на Peugeot и Citroen во Франција и две фабрики на Fiat во Италија, туку проблемот е во цела Европа. Експертите предлагаат како решение фабриките да работат три од четири недели во месецот, а вработените да ја примаат истата плата. До крајот на следната година Ford, Opel, Peugeot, Citroen и Volvo планираат да затворат пет фабрики во Европа.
Производствените капацитети останаа непроменети во последните години, иако постојано се затвораа фабрики. Но, марките ги затвораа фабриките во Западна Европа, за да отворат фабрики во Источна Европа, каде работната сила е многу поевтина. Во периодот меѓу 2002 и 2012 година, капацитетот во Западна Европа се смали за околу три милиони возила, додека во Централна Европа и во Турција во истиот период се зголеми за три милиони. Во истиот период, пазарот на нови возила во Европа се намали од преку 14 милиони на 11,3 милиони возила.