за ,

Кој вози електрични автомобили и зошто: Истражување меѓу европските возачи

електрични автомобили

Бројот на автомобили со погон на струја во светот моментно достигнува два милиони примероци, што е стопати (!) повеќе отколку во почетокот од деценијава. NewMotion како водечки оператор со станици за полнење струја спроведе обемно истражување меѓу постоечките сопственици на електрични автомобили во Европа, од коешто произлегуваат интересни заклучоци.

Над 5.000 корисници на електрични автомобили од повеќе европски држави беа вклучени во истражувањето кое што имаше за цел да ги утврди причините за купување, како и начинот на користење на возилата на струја во возачкото секојдневие.

Како изгледа типичниот возач на електричен автомобил? Анкетата покажа дека најголем дел од сопствениците на електрични автомобили се мажи (82%), на возраст над 41 година (82%). Во поглед на фамилијарниот статус, 92 проценти од учесниците во анкетата се во брак, во врска или во животна заедница. Во домаќинство со две или повеќе лица живеат 94% од сопствениците на електрични автомобили.

39% од сопствениците имаат фотоволтаички колектори во домот

Повеќе од половината анкетирани (57%) го користат својот автомобил на струја за возење до работа. Секој четврти испитаник (25%) смета дека месечните трошоци се намалени за 60% во споредба со обичен автомобил со мотор со внатрешно согорување. Стилот на возење го смениле 48 проценти од возачите, кои сега возат со поголема грижа за животната средина. Покрај тоа, анкетата покажа дека сопствениците на електрични автомобили преземаат и други чекори во насока на одржлив, односно еколошки животен стил: 59 проценти самостојно го селектираат домашниот отпад, 39 проценти имаат поставено фотоволтаички колектори на својот дом, 23 проценти прават компост од отпадот, додека 22 проценти собираат дождовница.

Резултатите од истражувањето потврдуваат дека оперативните трошоци за електричните автомобили се пониски одошто за обичните автомобили со мотор со внатрешно согорување. Електричните автомобили чинат поскапо и обично условуваат дополнителна инвестиција за поставување полнач во домот, но самите трошоци за струја се многукратно пониски. Истото важи и за трошоците за одржување, за осигурување и за даноците. Покрај тоа, голем број држави го субвенционираат купувањето и користењето автомобили на струја, што дополнително ја зголемува предноста на електричниот погон наспроти конвенционалниот.

Повеќе од половината соственици сакаат да заработуваат од возилото

Седум од десет испитаници посакуваат во иднина да се воведе „Airb’n’b за електрични автомобили“, односно можност своите возила да им ги изнајмуваат на соседите за одреден надомест, додека шест од десет испитаници имаат потреба од автоматски полначи со дисплеи, на коишто ќе добиваат информации за енергетската потрошувачка и досегот на возилото.

Голем број влади ги поттикнуваат граѓаните да купат електричен автомобил со најразлични попусти и субвенции. Германската влада, на пример, нуди субвенција во висина од 4.000 евра за електричен автомобил, односно 3.000 евра за плагин-хибриден автомобил, Велика Британија покрива до 35% од цената на возилото, додека купувачите во Франција можат да добијат и до 10.000 евра од владата при купување електрично возило.

Споредба на оперативните трошоци за електричен и конвенционален погон за Македонија

(цени на електрична енергија и бензин во Македонија; 1 литар бензин = 67 денари, 1 kWh ел. енергија, ноќна тарифа = 2,78 денари; годишна километража 15.000 km)

  • Volkswagen Golf 1.2 TSI, просечна потрошувачка на бензин според фабрика 4,9 L/100 km = 328,3 денари за сто километри
  • Volkswagen e-Golf, просечна потрошувачка на струја според фабрика 12,7 kWh/100 km = 35,3 денари за сто километри

Годишната заштеда за електричен автомобил би изнесувала 43.950 денари

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Ford Mustang наскоро и во хибридна изведба

теренци продажба lexus nx

Тест: Lexus NX 300h Luxury