за

Користени возила: Каков избор е серијата 3 на BMW (Е46)

На пазарот на користени возила се мошне застапени примероците од серијата 3 на BMW од генерацијата E46. Пред изборот на возилото треба да се имаат во предвид типичните слабости на овој модел.

Серијата 3 на BMW од генерацијата Е46, којашто се произведуваше во периодот меѓу 1998 и 2005 година, како нов автомобил беше мошне скапа. По неа следуваа уште две генерации на моделот од средната класа, така што моделот денес е достапен по мошне атрактивни цени, дури и во верзиите со шестцилиндарски мотор. Но, серијата 3 има и неколку слабости.

bmw e46 nazad
Вообичаени дефекти на генерацијата Е46: Скршени спирални пружини, дефект на лежишта на попречни водилки, пукнати црева за сопирачки, пречки во електрониката на воздушните перници. Во поглед на издржливоста, оваа генерација на серијата 3 е далеку под просекот во својата класа.

Каросерија и кабина: Како што е вообичаено за BMW, серијата 3 имаше потесна кабина во споредба со конкурентите. Доколку за изборот решава просторот за нозе на задната клупа, во тој поглед се подобри Mercedes и Audi. Како надомест за тесната кабина се добиваат врвна управливост и динамика што е вообичаена за задниот погон.

 

Покрај лимузината со четири врати, во периодот меѓу 1999 и 2006 година се произведуваше и купето, односно кабриолетот (2000 до 2007). Следна алтернатива е скусениот модел Compact, произведуван меѓу 2001 и 2004 година. Внатрешноста во сите каросериски изведби се одликува со добра завршна изработка, функционално ракување и цврсти седишта.

Најбарани се штедливите дизели

Мотор: Понудата од погонски единици е голема. Во целиот период на производство беа на располагање шест дизели и 14 бензинци, вклучувајќи го и првиот бензинец со директно впрскување во серијата 3. Дијапазонот се движи од 1,8-литарски четирицилиндарец со 105 КС до 3,2-литарски шестцилиндарец во M3 CSL со 360 КС. Купувачите што сакаат веродостојно да го доживеат слоганот „Радост во возењето“ подобро да не ги избираат најслабите мотори.

Тие се штедливи, но се релативно инертни и не одговараат на спортскиот карактер на моделот. Добар избор се 318i со 150 КС и шестцилиндарскиот 320i со 170 КС. Поголема популарност уживаат штедливите дизели, особено оние со помала километража. Од нив се најпрепорачливи 320d од 2001 година со 150 КС и моќниот 330d од 2003 година со 204 КС. BMW во минатото имаше често проблеми со турбополначите, а кај 330d се јавуваат и проблеми со пумпата за нафта.

Големи проблеми со оските

Подвозје: Во согласност со тогашната мода, серијата 3 имаше исклучително спортски дотерано подвозје. Сопствениците често пати имаат вградувано спортско подвозје и големи бандажи, за дополнителен нагласок на спортскиот карактер. Во тој случај е подобро возилото да не се зема во предвид. Поради слабиот комфор, тврдите удари од подвозјето може да предизвикаат оштетување на каросеријата и на сите нејзини компоненти.

Оските се слаба точка на серијата 3. Возилата често пати имаат проблеми со водењето на предните и задните тркала, а тоа го потврдува и TUV. Во најлош случај може да се откачи целата задна оска, поради што BMW спроведе и скапа сервисна акција. Затоа, пак, E46 нема проблеми со корозија и со протекување масло.

Турбополначот треба да се провери

Квалитет: Завршната изработка во основа е добра, со исклучок на откачувањето на држачите на задната оска кај примероците произведени до 2000 година, како и вибрациите во воланот, проблематичните воздушни перници и слабото дејство на паркирната сопирачка. Последнава често пати останува без дејство поради преголемиот работен од.

Не се реткост и проблемите со цревата од сопирачките и со каблите. Кај дизелите се проблематични турбополначите, кои не произведуваат доволно притисок. При пробно возење овие потенцијални проблеми може лесно да се локализираат.

Заклучок: Пазарната понуда од користени примероци од E46 е голема, но не треба на слепо да се посегнува по секое возило. Најдобро е да се избегнуваат тјунираните возила. Тој што ќе најде добро одржувано возило, најдобро по моделската нега во 2001 година, со извршени неопходни поправки на оските и сопирачките, ќе добие автомобил со добра динамика во возењето и стабилна цена.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Honda ги освојува и облаците

Ford вози со енергијата од сонцето