Како што се очекуваше, Комисијата на ЕУ ќе го проверува одобрувањето на државна помош од француската влада во висина од 7 милијарди евра за кризниот концерн PSA Peugeot Citroen.
Европскиот орган за контрола на условите на конкуренција на пазарот ќе оценува првенствено околу прашањето дали со оваа државна помош од страна на владата на Франција се прекршуваат правилата на Европската Унија и на конкурентноста. Покрај помошта од седум милијарди евра, Франција планира на концернот PSA Peugeot Citroen да му одобри дотации и аконтации во висина од 85,9 милиони евра. Под знак на прашање стои и државната дотација во висина од 1,2 милијарда евра за банката на PSA, која што комесарите во Брисел ја одобрија во февруари под услов да се реализира план за реструктуирање на комплетната групација PSA.