за

Конкурентот на Tesla се враќа како Fisker Surf

Данскиот дизајнер Хенрик Фискер стартуваше со електричните автомобили долго пред Илон Маск да се пробие со неговата Tesla. Но, работата пропадна. Fisker сега се враќа – и како тоа да е изненадување – со кинески пари.

Порано постоеше уште една марка покрај Tesla што сакаше да заработи со електрични автомобили со спортска каросерија. Станува збор за Fisker и за неговиот модел Atlantic. Лимузината од висока класа имаше премиера на салонот во Њујорк и остави добар впечаток со елегантната каросерија од пет метри. Сериското производство се најавуваше спектакуларно. Ѕвезди како Џастин Бибер и Леонардо Ди Каприо вложија добра сума пари во иновативната автомобилска марка.

Потоа следеше шокот во март 2013. Данскиот основач на марката и главен дизајнер Хенрик Фискер се откажа. Како причина за тоа, Фискер наведе „многубројни и значајни несогласувања во мислењата“ со менаџментот, во поглед на деловната стратегија. Но, вистинската причина беше финансиската криза на претпријатието, којашто ниту златниот дожд на Ди Каприо не можеше да ја спаси.

Чашата се прелеа од проблемите околу прегревањето на акумулаторите и со последувателната криза на производителот на акумулаторитe, фирмата A123 Systems. На крајот следеше и природна катастрофа. Ураганот Сенди во октомври 2012 уништи дваесетина возила на клиенти, коишто беа повикани на сервисирање во главната централа, заради отстранување на техничките дефекти.

Пред неколку седмици, остатоците од Fisker ги откупи кинескиот добавувач за автомобилската индустрија Wanxiang. Од некогашното претпријатие остана само малку. Уште во март 2013 фирмата ја напуштија три четвртини од персоналот. Но, тоа нема да претставува проблем. Конкурентот на Tesla најави враќање во бизнис со помош на Кинезите. Од средината на 2015 година ќе продолжи производството на хибридниот спортист Karma, а една година подоцна ќе следува и неговата комби изведба Surf. Во 2017 година може да се очекува и Atlantic, како поевтина алтернатива.

Мала е веројатноста дека возилата ќе продолжат под името на поранешниот основач на фирмата Фискер. Сегашниот персонал што број 25 лица во иднина ќе се зголеми на 150. Фирмата ќе добие и ново седиште. Познавачите се сомневаат дека Wanxiang ја купил фирмата само со цел да ја префрли технологијата во Кина.

fiskersurf2

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Прашината од сопирачките е опасна исто како чадот од дизелите

Зелено светло за BMW M2