Концернот Volkswagen останува верен на традицијата. Новите сегменти се покриваат со огромно доцнење, но по некое чудо секогаш се надоместува. Откажувањето од дизајнерскиот спектакл на концепот 20V20 не мора да е недостаток.
Шпанците конечно го добија првиот теренски модел. Многубројните концепти преку коишто се најавуваше новиот модел ветуваа малку поголема возбуда во дизајнерскиот настап отколку серискиов модел, но мора да се има на ум дека тука сепак се работи за концернот Volkswagen. Контраиталијанската стратегија, со умерен место гласен дизајн и празна приказна, очигледно успева кај купувачите.
Според шефот Лука де Мео, Ateca е „следниот столб на марката, по успешните Leon и Ibiza“. Надежите се дека Ateca ќе успее да се приклучи на предвидениот раст во продажбата во сегментот од 25 процени и дека моделот ќе биде клучен играч во подобрувањето на имиџот на шпанската марка.
Продажбата ќе стартува веќе напролет, со вообичаената понуда на мотори TSI и TDI во дијапазон меѓу 115 и 190 КС, во верзии со преден погон и со погон на сите тркала, со мануелни менувачи и со менувачи со двојна спојка. Верно на традицијата, моделот го носи името според селото Атека, западно од Сарагоса, во срцето на Иберискиот полуостров.
Дизајнот ги носи вообичаените обележја на марката, почнувајќи од трапезната маска, острите рабови и триаголната графика во светлата. Како опција се достапни предни светла со диодна техника, во комбинација со дневни светла со препознатливата светлечка графика на триаголник и трепкачи коишто се надоврзуваат на овој стил. Играта со светлината продолжува и со светлечките диоди во ретровизорите, коишто се активираат при отклучувањето и го осветлуваат подрачјето околу возилото, проектирајќи го името Ateca.

Внатрешноста ја следи шемата од Leon, а тоа значи чисти и прегледни форми со строга хоризонтална ориентација, со впечаток на добра завршна изработка и со квалитетни материјали својствени за концернот.
Каросеријата е долга 4,36 метри, багажникот нуди 510 литри во верзијата со преден погон, односно 485 литри при погон на сите тркала. Како модел што е базиран врз платформата од новиот Tiguan, внатрешноста пречекува со рационално искористување на просторот. Заедно со новата платформа доаѓа и олеснета каросериска структура. Според Seat, Ateca е меѓу најлесните модели во сегментот.
Светлосните трикови продолжуваат и во кабината, со светлечки прстен околу копчето за старт, кој почнува да трепка по седнувањето на возачот зад воланот, што според Seat треба на возачот да му укаже дека Ateca е подготвена за следната возачка авантура. На дофат на рака на возачот се наоѓа и Seat Drive Profile, за подвозјето и погонот да се приспособат според условите на возење и на патот, односно според желба на возачот.
Понудата од системи за асистенција е комплетирана со активен темпомат кој самостојно го запира и забрзува возилото при возење во сообраќаен метеж, а во одредена мера поседува и способност за автономно возење, со можност за менување на правецот до брзина 60 km/h. На тоа се надоврзуваат самостојно запирање при опасност од судир, читање сообраќајни знаци, следење на мртвите агли на каросеријата, предупредување дека наидува возило при излегување во рикверц и приказ на возилото од птичја перспектива при паркирање.
Како марка што се залага за актуелизирање на конективноста во возилата, Seat нуди Full Link со поддршка за сите Apple CarPlay и Android Auto, мобилна апликација Seat ConnectApp, инфо-систем со дисплеј од 9 инчи или полнење на мобилен телефон без кабел.
Цените, нивоата на опрема и целосните технички податоци ќе бидат достапни по премиерата на моделот на претстојниот салон во Женева, во почетокот на март.
















