Колку може да им се верува на мерачите за гориво?

Клубот АДАК повторно беше вреден и спроведе тестирање на пет различни системи на мерачи за прикажување на резервната количина на гориво во резервоарот. Заклучок: Во резервата не треба да се верува безрезервно.

Секоја година илјадници возила остануваат на пат по цела Европа, само затоа што нивните возачи погрешно ја процениле количината што ја прикажува мерачот за гориво во автомобилот. Најголемиот клуб на возачи на европска територија АДАК спроведе тестирање на пет различни системи на мерачи за гориво во модели од Audi, BMW, Kia, Mercedes и Smart.

Ова се клучните резултати до коишто дојде клубот:

  • Позитивна оцена добија системите коишто не ги прикажуваат детално последните километри со преостанатото гориво во резервоарот. На тој начин, возачите поретко се решаваат на ризикот да возат до целосно празнење на резервоарот.
  • Кога последните преостанати километри се прикажуваат прецизно во подрачјето под 20 или 30 километри, возачите повеќе веруваат во информацијата што ја добиваат во мерачот и свесно се впуштаат во ризик да останат на пат.
  • Мерачите за гориво што го прикажуваат преостанатото гориво во резервоарот во проценти или во литри, не се толку разбирливи за возачите.
  • Од голема помош се вградените системи за навигација кои во комбинација со мерачот за гориво и по барање на возачот ги прикажуваат најблиските станици за гориво до кои може да се стаса со преостанатото гориво.
  • Премногу информации не се секогаш од голема корист. Прикажувањето голем број информации во дисплејот ја преоптоварува концентрацијата на просечниот возач, така што може да се случи тој да го превиди податокот за преостанатиот досег со горивото.

Врз основа на добиените резултати, клубот препорачува да не се верува слепо во мерачите што ги наведуваат податоците за преостанатиот досег во километри. Непрецизноста на мерачот, но и конфигурацијата на патот, во одредени услови може да доведе до непријатни изненадувања. При возење по новоизградена патна мрежа секогаш постои можност должината на патот до одредиштето да е подолга отколку порано, така што е подобро предвреме да се размислува за дополнување на резервоарот.

Мерачот за гориво секогаш се раководи според претходниот режим на возење

Пресудно влијание кога горивото е на резерва има и начинот на возење. Мерачите обично се ориентираат според начинот на возење и според потрошувачката на претходно извозениот пат. Ако во моментот се вози побрзо или со почесто забрзување и запирање, на пример при наближување во градска средина, потрошувачката на гориво може да се зголеми драстично, додека мерачот на гориво и натаму ќе се раководи според претходниот режим на возење и соодветно на тоа погрешно ќе го пресметува досегот со преостанатото гориво. Затоа, најдобриот совет останува, веднаш штом ќе светне резервата, да се побара најблиската станица и да се дополни резервоарот.

 

Претходна објаваРакетно забрзување и за Tesla Model X: Три и пол секунди до стотка
Следна објаваМора да се испроба: Говедски бифтек зготвен на топлина на мотор

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here