за

Колку заработуваат производителите од возило?

Трошоците за материјалот се најголемата тајна на производителите на возила. Но, во секој случај, заработката е голема – кај престижните марки таа е уште поголема. Има и некои конкретни бројки.

Во вкупните трошоци за производство и продажба на возила, трошоците за материјал се далеку најголеми со учество од 70 проценти. Во поглед на цената на возилата која што ја плаќаат купувачите во салон, тоа се 50 проценти. Втората половина од цената на возилото ја сочинуваат трошоците за производство, развој, како и заедничките трошоци, вклучувајќи ја заработката, кои што учествуваат со 25 до 30 проценти во пресметката, и секако, сето тоа што се подразбира како трошоци за дистрибуција, односно маркетинг, реклама, трговска маржа.

Во овие 20 до 25 проценти треба да се бара заработката на производителот, а за тоа може да се дојде и до конкретни бројки. Најголемиот дел од производителите на возила се берзански ориентирани акционерски друштва и како такви мораат секој квартал да ги објавуваат бројките.

Заработката кај премиум марките е поголема

Во првиот квартал од годинава, концернот Volkswagen продаде 2.375.000 возила и пријави неоданочена добивка од 2.255.000.000 евра. По автомобил, за сите марки на концернот, оттука произлегуваат околу 950 евра. Според овие бројки, Volkswagen се квалификува во класата на масовни производители. Но, заработката кај премиум марките е уште поголема. Кај BMW на пример.

Кога неоданочената заработка на авто куќата од Минхен ќе се подели со бројот на продадени возила, односно 442.800 автомобили и 24.732 мотоцикли, произлегуваат 4.235 евра по возило. По одбивањето на даноците остануваат 2.774 евра како чиста заработка. Оваа бројка кај Volkswagen е речиси четири пати помала, односно таа изнесува 709 евра. Во Mercedes се слични бројките, додека Porsche е шампион со заработката од 17.000 евра по автомобил. Спортската марка е дел од концернот Volkswagen, но најголемиот дел од продажбата сепак го прават поевтините марки Volkswagen, Skoda и Seat.

Просечната цена на возило на Volkswagen изнесува 17.317 евра

Ако се пресмета продажната цена на возилата на Volkswagen на глобално ниво за првиот квартал, се доаѓа до 17.317 евра. За бројките да се споредливи, од оваа цена треба да се одбие германскиот ДДВ – со што се доаѓа до 14.265 евра. Одбивањето на ДДВ е важно, затоа што неговата висина е различна од земја до земја. Во Германија данокот изнесува 19 проценти.

За просечниот Volkswagen со цена од 17.317 евра се добива 8.658,50 евра за материјал, 4.329.25 евра за заработка и плати, и исто толку за дистрибуцијата. Трговската маржа изнесува околу 15 проценти, односно продавачот добива 2.258 евра по возило. Тоа е просторот за игра што го има продавачот, за попусти пред купувачите.

Моторот е најскапиот дел од возилото

Кога цената ќе се распредели на одделните компоненти од возилото, моторот е најскапиот единечен дел. Во просек, моторот учествува со 15 проценти во цената на возилото. Менувачот учествува со уште 5 проценти. Комплетната каросерија исто така учествува со 15 проценти, а во последно време и ентериерот станува сé поголем фактор во трошоците. Поради повисоките барања за квалитет на материјалите и на изработката, кокпитот и целото изведување на кабината учествуваат со десет проценти во цената на возилото.

Само електрониката во Mercedes од класата S чини колку Golf

Расте вредноста и на електриката и електрониката. Кај помалите возила се смета на 10 проценти, додека кај луксузните лимузини, како последната генерација на класата S на Mercedes, оваа група компоненти учествува и со 15 проценти. Ако станува збор за добро опремен Mercedes S 500, кој чини околу 120.000 евра, само за електрониката се плаќа 18.000 евра.

Овие пресметки се само релативни, затоа што автомобилите веќе подолго време не се продаваат преку трошоците, туку преку цената, при што мора да се има во предвид дека и маржата постојано се намалува. За трговецот да може да понуди попуст од илјада евра, производителот мора да гледа да го заштеди секој цент во развојот на возилото.

Заштедата во цената на возилото оди на грб на добавувачите

Производителите ги договараат цените со добавувачите еднаш годишно и во просек може да се смета на попусти од три до четири проценти. Седмата генерација на Golf е одличен пример. Volkswagen го продава бестселерот по иста цена како претходникот, со побогата опрема и подобра изработка. Цената за тоа ја плаќаат добавувачите на делови за возилото, односно тие мораат на секој можен начин да ја зголемат продуктивноста.

Opel и Toyota набавуваат околу 75 проценти од компонентите за возилото однадвор, додека премиум марките, како BMW или Mercedes повеќе произведуваат самостојно, но и тие доаѓаат до 70 проценти што се испорачуваат од добавувачите. Сопственото производство е поскапо, но автомобилот добива имиџ, а тоа се наплатува преку повисоката цена на возилото.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Новиот Audi A4 се подготвува за старт во 2014

Opel Adam со награда за најдобар ентериер