за

Колку заработуваат производителите од едно возило?

Пазарот во Европа е на најниско ниво во последните 17 години. Но, листот полека се сврте. Повеќето производители повторно заработуваат од продажбата – најмногу Porsche и Toyota

Според студијата на Центарот за истражување на автомобилскиот пазар на Универзитетот Есен, Toyota заработува најмногу од сите масовни производители на возила. Јапонскиот концерн во првата половина од годината заработил по 1.801 евра од продадено возило, што одговара на маржа од точно девет проценти. Секако дека заработките се уште поголеми кај премиум марките. Кај нив води Porsche со заработка од 16.590 евра по автомобил, што значи дека маржата изнесува 18,4 проценти. Тоа е значително повеќе од Ferrari (15.000 евра) и од германското трио премиум марки Audi (3821 евра), BMW (3495 евра) и Mercedes/Smart (2012 евра).

По серијата сервисни повици и по кризата на домашниот пазар, Toyota рапидно ја зголеми профитабилноста. Во минатата година концернот заработуваше само 707 евра по возило и постигна маржа од само 3,5 проценти. За враќањето на Toyota на старите позиции придонесе и девалвацијата на јенот, што дополнително ја зголеми заработката.

Најголемиот германски производител Volkswagen постигна маржа од три проценти, со заработка од 629 евра по возило. На глобално ниво, тоа е доволно само за деветтата позиција меѓу најпрофитабилните авто производители. Зад Toyota се корејските марки Hyundai и Kia, со 1.027, односно 911 евра по возило. Тоа што Корејците сé уште заостануваат зад водечкото трио Toyota, GM и Volkswagen со бројките на продажбата, не го менува фактот дека тие продолжуваат сигурно да грабат кон врвот на светските производители.

Следат Nissan (861 евра), Honda (785 евра), Chrysler (768 евра), Ford (717 евра), Skoda (671 евра) и General Motors (604 евра). Според истражувањето, повеќето производители што се зависни од европскиот пазар ја подобрија својата ситауција во споредба со минатата година. Најголем напредок постигна Fiat, кој ја смали загубата од 384 евра по автомобил во 2012 година, на 130 евра. Seat исто така ја смали загубата од 384 евра на 164 евра, додека европската филијала на американскиот гитант General Motors, со марките Opel и Vauxhall со секое продадено возило губи 414 евра, место 834 евра во минатата година. Ford има минус од 843, место 967 евра со секое продадено возило, а вториот најголем производител во Европа, PSA Peugeot Citroen се подобри од 510 на 349 евра загуба по возило. Кај Renault, пак, ситуацијата се влоши. Додека во минатата година Французите беа во минус од 241 евра по возило, во оваа губат по 457 евра од возило.

Студијата заклучува дека мерите за заштеда на концерните ги носат првите плодови. Ford, General Motors и PSA Peugeot Citroen се решија да затворат неколку фабрики и тоа сега се огледува во намалената загуба. Се очекува дека овие подобрувања ќе продолжат да носат ефект и во втората половина од годината, како и во следната година.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Ford Transit научи да плови со тимот на Top Gear

Бензинец со скромност на дизел: Ford Focus