за

Колку електрични автомобили се субвенционираат со 130 милиони €

Влада.мк ќе потроши 130 милиони евра од буџетот, за изградба на божемна фабрика за електрични автомобили, што многу веројатно ќе заврши како најскап ресторан за свадби и чочеци долж Вардарот. Со добра намера, може да се направи многу повеќе.

Електричните автомобили и производството на зелена електрична енергија веќе со години се највисоко на дневниот ред при секое стратешко планирање, без разлика дали станува збор за компанија, за цела индустриска гранка, за држава, регион, Земја. За овие теми, на просторот од Мала Речица до Муртино досега се зборувало малку, а се преземало уште помалку. Одненадеж јавноста дозна, дека ништо помалку, во Тетово ќе се градела фабрика за автомобили. Сето тоа предизвика потсмев, иако на народот најмалку му е до смеење. Може ли тие 130 милиони евра подарок од Влада.мк, да бидат искористени чесно?

Додека бројни земји и региони ширум светот со години и со децении наназад го поттикнуваа преоѓањето на возила со чист погон, преку субвенционирање и најразлични повластици во секојдневието, рампите пред Македонија остануваа подигнати највисоко, за увоз на нечистите автомобили од коишто ЕУ-земјите се откажуваа. Реално, причината зошто лимузини од пет метри од луксузни марки, од раните години на 21-от век, биднаа подостапни од Пунто и Корса стари пет години, лежи во тоа што ЕУ-земјите, повеќе и помалку освестени за животната средина, им ставија толку високи давачки на нечистите автомобили, што нивните жители повеќе не ни помислуваа да посегнат по тие автомобили. А, според основното правило на пазарот, кога нешто не се бара, тогаш цените се струполуваат.

Во такви рамки, кога пазарните правила поставени на „илинденска со број“, повеќе му даваат предимство на увозот на користени автомобили од луксузни марки, коишто низ сиве години се претворија во театарски реквизит за глума и преправање по улица, одненадеж на јавноста ѝ се сервира вест, дека електрични автомобили ќе се произведуваат во фабрика во Тетово. Вистинската позадина и замисла со сите тие најави ја објаснивме во синоќешната објава на темата.

Нема преодна фаза, па воведување осетно повисоки такси за возила со висока емисија на штетни материи, па воведување субвенции за возила со ниска или нулта емисија за истите тие материи, па ослободување на најчистите возила од плаќање патарина, па бесплатна регистрација, и разни видови привилегии и повластици што ЕУ-светот веќе одамна им ги има послужено на своите граѓани, туку во влада.мк решија директно да преминат на производство на електрични автомобили.

Кусо: Компанијата Next e.GO mobile SE, чијшто автомобили божем ќе се произведуваат во Тетово, одамна е заборавена на автомобилската сцена и никого во светот не засега, кога некој од гласноговорниците на потегот од Мала Речица до Муртино ќе го спомне името на истата. Тоа што ќе се случи со 130-те милиони народни евра, може да биде единствено изградба на две три хали по цена од максимум стотина илјади евра, во коишто во дел ќе се чува струмичка петопрстна трева, а во дел ќе се прават свадби и венчавки. Јавноста веќе дозна дека на сличен „проект“ се работи и на истокот. Светот денес брзо ги открива измамите.

Многу покорисно ќе биде, овој повод да се искористи за пример, како државите без Таче и Баче како главни ликови во вестите, постапуваат со субвенционирањето. Значи, прашањето е: Што може корисно да се направи со 130.000.000 евра во делот на мобилноста?

Како пример ја земавме Австрија. Алпската држава за годинава има издвоено 167,2 милиони евра, како помош за граѓаните полесно да дојдат до автомобил со ниска или нулта емисија на штетни материи. Програмата за субвенционирање трае до 31-ви март 2023 година, односно до целосното исцрпување на буџетот за таа намена.

Електрични возила – висина на субвенции во Австрија

Возила што се субвенционираат Нето учество на производителите, односно увозниците на возилата Удел на министерство за клима, животна средина, енергија, мобилност, иновација и технологија Вкупна висина на субвенцијата
Автомобили со чисто електричен погон, батериски или водородни 2.000 € 3.000 € 5.000 €
Возила со приклучен хибриден погон 1.250 € 1.250 € 2.500 €
Е-мопед (Класа L1e) 350 € 450 € 800 €
Е-скутер (Класа L3e ≤ 11 kW) 500 € 700 € 1.200 €
Е-мотоцикл (Класа L3e > 11 kW) 500 € 1.400 € 1.900 €
Товарен е-велосипед (носивост > 80 kg) 100 € + бесплатен голем сервис, односно 3 години гаранција 800 € 900 €
Е-квадрицикл (Класа L2e, L5e, L6e, L7e) 1.300 € 1.300 €

Со 130.000.000 евра за божемната фабрика за електрични автомобили во Тетово, раководејќи се според висината на субвенциите во Австрија, во Македонија би можело да се субвенционираат:

· 26.000 патнички електрични автомобили

· 52.000 автомобили со приклучен хибриден погон

· 162.500 е-мопеди

· 108.333 е-скутери

· 68.421 е-мотоцикли

· 144.444 товарни е-велосипеди

· 100.000 е-квадрицикли

Со тоа веќе целосно ја исцрпивме темата. „Најава“ за следната тема: Колку фотонапонски централи може да се изградат со 130 милиони евра, на потегот од Мала Речица до Муртино?

Тетовски автомобили со бугарски таблици на струја од јаглен

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Volkswagen ќе лета во Кина: Прототип на патнички дрон

C5 X е големата лимузина што е достојна да биде Citroen