Големи автомобили пречекуваат деновиве во салонот на Citroen. Едниот од нив секако е C5 Aircross, кој во моментов е само во улога да го премости просторот меѓу двата автомобили што играат на позиција на „крила“ на марката. C5 X ги потсетува фановите на CX и XM, на Xantia и BX, но пак е автомобил што нема да остане во сенка на своите славни претходници.
На Citroen повторно му се погодуваат моделите. Во жаргонот на пикадото, маркава погодува во Bullseye. По C4 Cactus, моделите на марката на Андре Ситроен ретко оставаат модел од друга марка да го преземе шоуто во класата. Citroen C3 во меѓувреме се продава подобро од Polo, со повеќе од 72.000 примероци во првото полугодие, наспроти 57.000 примероци на германскиот модел. Citroen C4 со близу 40.000 примероци е во тесна трка со Ford Focus, па и C3 Aircross се држи со Opel Crossland.
Каква е промената што C5 X сега ја внесува во понудата на Citroen и во целата претстава за една од марките со највредна историја на автомбилската сцена, добро ќе послужи еден пример од претходниот C5. На европската промоција на важниот модел, на тест-возењата во Португалија, во 2008 година, гамата од моделски изведби за возење вклучуваше и верзија со комплетна ознака Citroen C5 V6 HDi 205 Biturbo FAP Exclusive Automatic. Автомобилот со мотор 2.7 V6 со 204 КС, од Jaguar и Land Rover, со мазен шестстепен автоматски менувач, тежок малку под 1,9 тон – и со најважното, со хидропневматика – возеше фантастично. Автомобилот, неоспорно вредеше за секое од 40-те илјади евра во тоа време. Но, прашањето беше, зошто некој би платил толку многу за модел на Citroen? Таа генерација на C5 беше одличен автомобил во тестираната изведба на презентацијата, но му недостигаше уште малkу за да биде вистински Citroen. Не беше прашањето до парите, туку до тоа колку C5 беше вистински Citroen.
Низ историјата постојат бројни модели на Citroen, за коишто луѓето плаќале повеќе отколку за модел од друга марка – под „друга марка“, првенствено се мисли на оние што светот денес има научено да ги гледа како премиум марки. Citroen CX 25 Pallas GTI, Citroen XM V6 24V Pallas во вишата класа, или Citroen BX 19 Tecnic и Citroen Xantia 3.0 V6 Activa во средната класа, сите тие модели, ценовно биле на врвот. Меѓутоа, имало причина зошто луѓето ги возеле и обожувале, па и уште ги обожуваат и ги возат тие модели. За парите, се добивало 100% Citroen. Таков модел во високите класи е сега C5 X.
Citroen CX: Тоа е автомобилот што фановите исчекуваа да го препознаат во нов модел на марката, C5 X повеќе е надградба врз стилот на CX, отколку копија
C5 X доаѓа со добра вест. „Иксот“, секако не е случаен, и асоцира точно на CX и на XM, на последните големи модели на Citroen, пред германското трио Штутгарт-Минхен-Инголштат да го преземе владеењето во највисоките класи. Уште во ликот на овој автомобил со вешто дозирана појава на кросовер, се познава инспирацијата што ја имале проект-менаџерите. Гледано од напред, C5 X е широк автомобил. Додека се гледа вака во салон, се стекнува впечаток дека ќе покрие цела лента кога ќе се појави на улица. Тоа е обележјето на CX, XM, Xantia.
Носот е низок, а дневните светла и хромираниот лак под хаубата прават тој да изгледа како да е уште пониско. Целата каросерија е создадена од мулен-руж заоблени форми, што прават погледот тешко да сака да се оттргне од нив. Главниот Citroen-момент, секако е опашот. Тоа што C5 X не е здодевна триделна лимузина, станува предимство на францускиот автомобил. Овие форми како да порачуваат: Citroen не е обична лимузина. Дури и новиот C4 X, не е лимузина, туку е купе-кросовер. Од C3 до Spacetourer, во оваа марка има сé, освен лимузина.
Уште еден важен момент е тоа што C5 X изгледа богато, претставително. Сé се вклопува. Интелигентна регулација на подвозјето, којашто главно ја менува работата на амортизерите, се грижи за екстра комфор. Сите стакла имаат звучна изолација, просторот на задната клупа е како за прва класа. Моделска изведба со приклучен хибриден погон и 50% ослободување од данок на возило, што следи за овој погон, достапна е уште од стартот на продажбата во Македонија.
Што сé нуди и какво е искуството при возењето и патувањето со Citroen C5 X, ќе објавиме откако автомобилот ќе пристигне на тест во Аутомедиа
Гамата ја сочинуваат два бензински мотори, со 130 и 180 КС, и спомнатата изведба со приклучен хибриден погон, со 225 КС. Автоматски менувач со 8 степен е стандард низ целата гама. Основниот модел чини 34.490 евра и во нивото на опрема Feel нуди паркинг сензори назад, дигитални инструменти, средишен дисплеј од 10 инчи, сензор за дожд, автоматски двозонски клима уред, самостојно собирање на ретровизорите, електрична паркирна сопирачка, темпомат, систем за задржување во лента, камера за знаци, прогресивни амортизери и тркала од лесен метал.
Изведбата со приклучен хибриден погон, со 50 досег на струја, чини 49.490 евра, вклучувајќи ги двете илјади евра промотивен попуст за целата гама на C5 X.