за

Кога моторот ќе прегрее – пуштете го греењето до крај

Постојат ситуации кога и покрај високите летни температури мора да се пушти до крај греењето во кабината. Во случај да прегрее моторот, тоа е прв чекор за негов спас.

Моторите произведуваат многу топлина и некогаш немаат повеќе начини да се ослободат од неа. При патување на летен одмор или при заглавување во градски застој, системот за ладење на моторот останува немоќен и инструментот за покажување на температурата на моторот за миг влегува во црвеното подрачје. Во тој случај мора брзо да се реагира и да се спречи опасноста од оштетување на моторот.

Прв чекор за смалување на температурата на прегреаниот мотор е вклучување на греењето во кабината на најсилно. На тој начин се одведува топлината од моторот и се пренесува во кабината, што секако дека не е најпријатно за престој во возилото, но се избегнува скапа штета на моторот.

По спуштањето на температурата на моторот веднаш треба да се запре на првата бензинска станица или одморалиште и да се провери нивото на течност во системот за ладење. Ако прегревањето е предизвикано од недоволно течност во системот, секако дека истиот треба да се дополни. Може да се користи и обична вода, но потоа треба да се посети сервисна работилница и да се провери преостанатата заштита од корозија и мрзнење на течноста за ладење на моторот, затоа што таа ослабува при додавање обична вода во системот. Секако дека сервисната работилница мора да се посети и заради откривање на причините за прегревањето на моторот.

При проверката на нивото на течноста треба највнимателно да се постапува со чепот на садот за изедначување на нивото на течноста. Затоа е потребно да се остави време за моторот да се излади за некој степен и да се изедначи притисокот во системот. Превисокиот притисок во системот може да предизвика прскање на течноста и опасно попарување на кожата. Неопходно е при отворањето на чепот да се користи крпа, како основна заштита. Покрај тоа, полнењето студена вода во системот исто така е штетно, затоа што доаѓа до температурен шок од кого што може да се создадат пукнатини во материјалот.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Грчкиот буџет ќе го спасуваат возачите на скапи автомобили

Fiat се рекламира со голи девојки