Клубот ADAC смета дека бројачите на километажата во автомобилите се намерно конструирани за лесно да се манупулираат. Купувачите се ограбени со купувањето автомобил со вратена километража.
Целата процедура трае половина минута и може да се изврши кај речиси секој автомобил. Полицијата во Германија, пазарот од кој најчесто ги добавуваме нашите користени возила, смета дека на два милиона автомобили годишно им се враќа километражата пред продажбата или пред завршетокот на договорот за лизинг. Тоа е секој трет автомобил.

Штетите од тахо-мафијата која што е активна во цела Европа се проценуваат на шест милијарди евра – само во Германија, најголемиот пазар за автомобили на континентот. Со враќањето на километражата се заработуваат во просек по 3.000 евра од возило. Тие пари ги плаќаат купувачите на користените возила.
Клубот ADAC подолго време ја притиска индустријата да преземе мери за заштита на бројчаниците од манипулација. Во реалноста производителите дури им ја олеснуваат работата на криминалците. По извршените тестирања, клубот дојде до заклучок дека повеќето автомобили се подготвени за манипулација на километражата уште од фабрика. Софтверот на модерните километражи е недоволно заштитен.
Враќањето на километражата може да се направи на секое паркиралиште и на секој автомобил, затоа што и индустријата има интерес километражата да не биде заштитена од манипулации. Инсајдери откриваат дека производителите ги враќаат километражите по пробните возења на фабричките патеки. Тука сепак се работи за неколку километри кои нема да му наштетат на возилото. Техничката заштита на километражата не е скапа. Производителите ќе треба да потрошат најмногу едно евро по возило за вградување на заштитата.