Кинезите се богати и сакаат да го покажуваат тоа. Од 2017 година тие ќе купуваат луксузни возила повеќе од која било друга нација во светот. Но, овие купувачи се разликуваат од другите.
Светот веќе навикна да ги гледа Кинезите на првото место на бројни ранг листи. За четири години, тие ќе се искачат на првото место и како земја со најголема продажба на нови луксузни автомобили. Според студијата на консултантската фирма АТ Керни, најголем раст во продажбата ќе забележат купеата со четири врати, од типот на Aston Martin Rapide или Porsche Panamera, но и спортските кабриолети и теренските возила.
Во изработката на студијата беа консултирани експерти и трговци со автомобили од луксузната класа во повеќе кинески градови. Иако прометот од продажбата на овие возила во минатата година се намали за 14 проценти, експертите предвидуваат дека до 2017 продажбата ќе се зголемува за 16 до 20 проценти годишно.
Главен носител на продажниот бум е групата на Кинези кои што располагаат со капитал од повеќе од 12 милиони евра. АТ Керни предвидува дека оваа група во следните години ќе расте до 30 проценти годишно. Моментно таа брои околу 63.000 лица. Студијата открива и дека моментно еден милион кинези имаат капитал поголем од 1,2 милиони евра.
За да го искористат големиот потенцијал на кинескиот пазар, производителите мора да се приспособат на барањата на кинеските купувачи. Според консултантите на АТ Керни, кинеските купувачи на луксузни автомобили се разликуваат од европските или американските. Тие се во просек помлади за пет до десет години од нивните пандани од Западот, покрај тоа се и значително побогати. Со 30 проценти, застапеноста на женските купувачи во оваа група е значително повисока отколку на Западот.
Врвната техника и динамичните возни својства не се толку важни како кај купувачите од западните пазари. Покрај тоа, производителите на луксузни возила не можат да очекуваат верност и доверба од кинеските милионери, кои поседуваат луксузни возила од повеќе марки.