за ,

Кинеската престолнина го чисти воздухот со лотарија

Ако е за утеха, Пекинг има проблеми со загадениот воздух што се уште поголеми од нашите. Кинезите го решаваат тоа со еден вид лотарија за издавање регистерски таблички.

Пекинг веќе воведе драстични мери за пречистување на воздухот во градот од издувните гасови од автомобилите. За таа цел во кинеската престолнина е воведена лотарија за добивање регистерски таблички за новите автомобили. Во иднина, шансата да се добие регистерска табличка на оваа лотарија ќе се намали дополнително – предност ќе им се дава на „зелените“ автомобили. Од 2017 година, 40 проценти од новите регистарски таблички ќе им бидат издадени на автомобили со хибриден или електричен погон, како и на помалите автомобили со ниска потрошувачка на гориво. Покрај тоа, годишната квота на новорегистрирани автомобили во градот ќе се намали за речиси 40 проценти.

Кинеската престолнина вложува огромни напори за да воспостави контрола над сообраќајниот хаос и загадувањето на воздухот. Од 2011 година се ограничува бројот на возила преку издавање регистерски таблички во еден вид лотарија. Месечно се регистрираат 20.000 нови возила, односно 240.000 возила годишно, а бројот на интересенти е неспоредливо поголем. Шансата да се добие табличка во моментов изнесува еден наспроти 90. Тоа значи дека од 90 лица што планираат да купат и регистрираат автомобил, само едно лице ќе успее во намерата. Според новиот план за контрола на емисијата, градската управа од следната година ќе го ограничи бројот на возила на 150.000 годишно до 2017, што значи 12.500 возила месечно, односно 37,5 проценти помалку од досега.

Покрај тоа, предност им се дава на зелените возила, на автомобилите со алтернативен погон. За следната година се дозволени 20.000 возила со чист погон, а до 2017 година квотата ќе се зголемува до 60.000 возила. Тоа значи дека по четири години, 40 проценти од регистрациите ќе бидат резервирани за возила со чиста емисија.

Според Светската здравствена организација, градот со 21 милион жители е меѓу најзагадените во светот. Од крајот на минатиот месец беше воведена драстична рестриктивна мера. Кога ќе се регистрира преголема загаденост на воздухот, во градот смеат да возат само автомобили со парен, а во други со непарен последен број на регистерската табличка. Покрај тоа, од почетокот на оваа година во Пекинг важат нови норми за издувни гасови, кои приближно одговараат на нормата Euro 5. За купувачите на електрични или хибридни возила се предвидени и посебни повластувања.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Германците се Јапонци и за самовозечките автомобили

Салон во Лос Анџелес: Премиера на Honda со погон на водород