Каросериска работилница прави нов Porsche да изгледа како стар Porsche

Комбинација од дизајн на спортско купе од 1970-те и модерна погонска техника – кој уште би одолеал на тоа? Особено ако станува збор за Porsche. Германска работилница го прави и тоа чудо.

Релативно непознато име на автомобилската сцена може да стекне голема популарност со последниот подвиг. Германската каросериска работилница Kaege пред три години почна да работи на реализација на идејата, Porsche 911 од генерацијата 993, произведувана во последната декада од минатиот век, да го претвори во Porsche 911 од 1972 година, во генерацијата што познавачите ја ценат како „модел F“. Резултатот од работата беше прикажан пред публиката на ланскиот салон на олдтајмери во Штутгарт, но тогаш ентериерот на возилото уште не беше готов. Во меѓувреме, вредните Германци ја довршија и таа работа и денес го нудат Kaege Retro, како комбинација на којашто малкумина фанови на Porsche ќе можат да одолеат.

kaege retro porsche 911 (7)Kaege Retro е посебен по тоа што го спојува најемотивниот дизајн во историјата на спорсткото купе од Цуфенхаузен со последната еволуција на боксерот во воздушно ладење – пред Porsche да премине на водено ладење, што најтврдокорните фанови уште не можат да ѝ го простат на марката. Каросеријата со дизајн што до последниот детал е верен на оној на „модел F“ од 1970-те години, изработена е од карбон и дополнително придонесува возилото да постигне тежина од само 1.195 килограми. Со 3,6-литарски боксер со шест цилиндри и 300 КС – со воздушно ладење. Колку се внимава на тежината и на распределбата на тежината сведочи и литиумскиот акумулатор што се вградува во возилото.

Тоа што однадвор изгледа како Porsche 911 од 1972 година, во себе ја крие целата техника од “993“, почнувајќи од задната оска и шестстепениот менувач, преку сопирачките и воздушните перници, до клима-уредот, греењето на кабината, па дури и бришачите. Како посебен детал, „ретро-тјунингот“ вклучува предни светла со карактеристичниот дизајн, но со диодна техника на осветлување.

Во Kaege се расположени да ги исполнат сите барања на купувачот и да го испорачаат нивниот Retro 993 во бараната боја на каросеријата, со подвозје дотерано индивидуално и со опрема според нарачката. Колку изнесува цената на основната преработка не е познато, но сигурно е поевтино од оригинален 911 од 1972 година, чијашто цена во последниве години достигнува астрономски големини.

Претходна објаваКупе-теренец на Mazda пристига на салонот во Пекинг
Следна објаваНовиот Mitsubishi Space Star стартува со продажба во Македонија

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here